„Друг агол на погледот“ – Изложба на Петра Јовановска во Ресен

Сподели

Утре, на 17 мај, во Домот на култура „Драги Тозија“ во Ресен ќе биде свечено отворена самостојната изложба на ликовната уметница Петра Јовановска под наслов „Друг агол на погледот“, со поканети гости, ликовен уметник Михал Дубницки од Р. Чешка и младиот автор Рафаел Ристовски од Скопје.

Изложбата свечено ќе ја отвори г-ѓа Андреа Штајнер Вотавова, заменичка на амбасадорот на Р. Чешка и г-дин Васко Василевски, директор на Домот за култура „Драги Тозија“ во Ресен. Овој пат да се обидат да направат еден заеднички поглед на нештата.

Петра Јовановска ќе презентира новосоздадени дела изработени во комбинирана техника, акрил на платно. Поканетиот гост Михал Дубницки ќе се претстави со неколку дела изработени во техника акрил на платно. Ги обработува темите од лична пригода, кои ги апстрахира и доведува до еден минимлистички поглед и контекст од ликовен аспект. Младиот автор Рафаел Ристовски, ќе се имплементира во ликовната изложба со своите фотографии, ќе ги манупулира со цел да создаде погледи и ликовни дела на тема град, која веќе некој период ја истражува. Ја одбрал урбаната природа, со која сме секојдневно опкружени и која на некој таинствен начин ниту ја забележуваме.

Петра Јовановска долго во своето ликовно творештво го истражува кругот. Кругот во своето творештво го доживува како духовна пракса, која има едноставни и цврсти правила. Кругот, содржи едноставност, чистота и воедно и сериозност. Петра Јовановска се занимава со сликарство и графика, и често ги комбинира овие две ликовни дисциплини, за да го долови посакуваниот краен резултат. Гради визуелна и естетска традиција, ги обработува темите како одлука, спојување, поново наоѓање. Во содржинска смисла делата поседуваат многу автобиографски предзнаци, со многубројни прашања од лична природа.

Петра Јовановска е родена во Р.Чешка, има завршено Ф.Л.У. во Скопје, смер графика. Таа е ликовен уметник, организатор, куратор и координарор на многубројни ликовни проекти, до сега има реализирано 70 самостојни изложби / Р.Чешка, Р.С.Македонија, Франција, Словенија, Германија, САД, Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина…/голем број од нив во своја организација, има учествувано во над 300 групни изложби, добитник е на бројни награди, има учествувно на многубројни меѓународни ликовни симпозиуми и колонии.

Ликовниот проект е поддржан од Министерство за култура и Амбасада на Р. Чешка.

19.00 часот, изложбен салон на Дом на култура “Драги Тозија”- Ресен.