Во една од древните хиндуски упанишади, се опишува како една жена долги години се молела на богот Брахма за да биде најбогата жена во Индија. После многу години ѝ дошол еден глас од небото: „За да бидеш најбогата треба да отидеш кај црвената пештера, таму има големо богатство“. Жената го зела детето со себе и веднаш тргнала кон пештерата. Внатре огромно богатство од злато, дијаманти и разновидни драгоцени камења. Таа веднаш почнала да полни сѐ што имала со себе. По извесно време се наслушал небескиот глас: „Побрзај оти пештерата наскоро се затвара“. Жената со вешти раце собрала ептен многу богатство. Повторно гласот: „Внимание, пештерата почна да се затвара„. Но, алчната жена продолжила да ги користи и последните моменти за да зграпчи и едни дијаманти кои сјаеле како сонце. Но, сјајот веднаш ѝ се претворил во мрак, кога видела дека детето и останало внатре зад огромниот подвижен камен кој неповратно и вечно ја затворил пештерата!
Ненаситноста е како огнот. Ако е мал може да биде добар слуга, но како голем секогаш е лош господар. Алчни и ненаситни сеуште сакаат да влијаат на нашата судбина, несвесни за сериозната опасност за нив самите. Иако битката одамно е загубена, тие се надеваат на невозможното и неверојатното. А мали им се шансите за да дојдат до големи шанси. Може да се помисли дека државата ја има судбината на детето на алчната жена, но реално таква судбина повеќе има самото сегашно водство на ВМРО. Тоа свесно е „заборавено“ внатре во пештерата, за едни други да се наполнат со богатство. Тие тоа го знаат, но им недостига храброст за да го детонираат таквиот тежок камен. Се согласиле да бидат робови на еден заробен ум. Ама заробениот има само еден господар, а плашливецот ги има стотина. Мицкоски добил големи отстапувања (за финасирање на политичките партии, за техничка влада пред изборите, за ДИК итн). Но, за возврат ништо, оти стравот не му дава. А не е нормално „возврат“ да се нарече нешто што е елементарна човечка и морална задача – да се помогне при спасувањето на државата и нејзините граѓани. Сега тоа е референдумот, кого Мицковски го гаѓа со сите проектили кои како бумеранг ќе му се вратат нему. Цело време смислува работи што не се потребни, а уништува такви кои се витално потребни. Мегатони страв или енциклопедија од незнаење (или двете заедно)!? Човекот е вметнат во шишето, а други требало да се таму.
Иако кристално им е јасно дека со бојкотирањето на референдумот најголем губитник е државата (во која толку се колнат), тие немаат храброст да кажат – народот нека одлучува. Има ли понормално од тоа? Вака, ни на небо – ни на земја, државата ќе страда во губењето енергија (успешен референдум, неупсешен, позитивен, негативен итн.), но со тоа тие истовремено самите ќе ѝ нанесат смртоносен удар на нивната партија. Првин, кај неутралните, дури и кај сопствените верни гласачи таа партија ќе продолжи да се идентификува како заробен субјект од бившото криминално водство. Второ, дека таа секогаш во круцијални моменти не поседува државнички капацитет, дури делува загрозувачки. Трето, новото водство долгорочно ќе остане маргина и нема да се стекне со потребна кондиција за да повлече маса луѓе. Четврто, меѓународно тотално ќе се изолира. Петто, ќе го загуби и така минималниот коалициски капацитет, а тоа ќе одврати огромен број неопределени да гласат за нив. Реално, ВМРО продолжува да се доживува како партија која гледајќи кон минатото ја прегазува иднината. Оти тој што гледа назад ја губи целта напред. Се доживува како партија која на видум на луѓето им ги протерува мувите, а им ги пушта осите. Со години од нив и најобичните глупости беа промовирани за витални вековни проекти. И затоа заврши како тотално неуспешна влада, ама со многу „успешни“ членови на владата. Сега ја обвинуваат власта дека прави држава без минато и без иднина. Ќе беше добро тоа да го кажуваат пред огледалото. Можеби подобро ќе успеат да видат како ептен наликуваат на оружје за масовно самоуништување.
Заев, иако наследил жив хаос по сите области, сепак успеа да ја консолидира државата. Рака на срце, воопшто не е лесно да се најде толкава количина нормалност за да се исправи толкавата трајна ненормалност. Направи ментална и практична револуција на меѓународен план. Државата од статус пред распаѓање, стана омилен субјект на светските центри на моќ. Од заколнетите „непријатели“ направи силни подржувачи. И наградата е тука – покана за НАТО и преговори за ЕУ. Државата е спасена, иако противниците залудно настојуваат и понатаму да се борат со сопствената сенка. Оттука референдумот мора да победи оти не смее да загуби. А тие што дејствуваат поинаку се ептен плитки во нивната длабочина. Не знаат дека од целта може да има илјади патишта, ама до целта има само еден пат.
Геополитиката
Со години над Балканот се вртат црни облаци. Русија силно работела на дестабилизација на овај полуостров со цел: 1)самата да се факторизира: 2) за да контролира голем дел од балканските коридори (сообраќајни, нафтени, гасови); 3)за да ги решава своите проблеми што ги има со Крим, Јужна Осетија, Абхазија итн. Таа настојува да воспостави природна врска со Турција која исто така силно претендира во регионот. Двете држави, секоја од свој верски агол работеа за заедничката цел. Во име на верата, а за сметка на ѓаволот. Тука се бројни разузнавачки структури, навладини организации, образовни и културни установи, па и медиуми. При нивни геополитички констелации, Република Македонија тешко дека може да опстане, оти Путин е природен сојузник на тие што Македонија ја сметаат за вештачка творевина. Оттука, сите кои работат против референдумот, впрочем работат за да ја уништат државата, со единствената цел да ги уништат трагите од нивните криминали.
Но, со фокусирањето на НАТО во регионот, состојбите видно се сменети. Русија ја губи битката. Дури и Ердоган може да сврти кон Запад, оти економијата на Турција видно ослабнува. Сега регинот полесно ќе може да дише, секако под чадорот на НАТО. Сите балкански големи истории ќе заминуваат во историја. Неодамно, американскиот врвен дипломат во Србија Скот Каљ, кажа дека Русија со години не се ангажирала за мир и стабилност во регионот и дека сега мора да се маргинализира во однос на Балканот, како за времето на Јелцин. Сите во Македонија знаат (освен тие што не сакаат да знаат), дека НАТО како и до сега е најверниот чувар на Македонија и регионот. Тоа добро го знае и Вучиќ, кој сега се спрема за конечен договор со Косово и полека му свртува грб на Путин. Ама тоа сеуште не го знае само Мицкоски, кој зел голем товар на свои плеќи. Гледам и Николовски од ВМРО ќе го убедел Мицотакис за подобар договор од овој. Ќе бил чисто ерга глупост. А дека проблем ти биле реформите, кои тој и неговата партија цели 11 години ги сместуваа во Дрисла.
Без арамии
На државата и е потребен сериозен развој, а тоа не е можно со несериозни луѓе и несериозна државна администрација. Колку и да притискаат странците, на државата и треба професионална и строго контолирана администрација. Луѓето со години не можат да почнат со бизниси, оти предметите им заглавуваат кај некој државен советник или секретар, или пак министер.Ако не го третираме инвеститорот (колку и да е мал) како светец, нема развој. Затоа мора да се интервенира законски со императивни рокови и санкции. Исто така во власта не би требало да бидат луѓе без морален кредибилитет, оти целиот процес може да се урне. Тоа му прави штета и на човекот кој долго време главата ја носеше во торба. Таму кај што алчноста слетува, таму моралот излетува. Снемувањето на моралот значи директно уривање на довербата и рамнотежата. И посериозно треба да се работи на развојни проекти и стратегии. Министерството за економија како вооптшо и да не постои.
И да заклучиме, дека референдумот е последен тест за сите. Одговорно водство во секој проблем гледат шанса, а тие другите во секоја шанса гледаат проблеми. Но, и од најлошите можеме да научиме нешто. А тоа дека не смееме да бидеме како нив.