„Демократскиот сојуз бара расправата за имунитетот за пратениците, против кои се води постапка за тероризам, во Комисијата за деловничко имунитетски прашања и на пленарната седница на Собранието на Република Македонија, да се одвива јавно и со директен пренос.
Граѓаните беа сведоци кога се одвиваа крвавите настани (на 27 .04.2017 година) во Парламентот, обидот за државен удар и насилно загрозување на демократски институции, поради што сосема е логично и оправдано, сите активности сврзани со расчистување на овие настани да се одвиваат транспарентно и пред очите на јавноста.
Граѓаните мора да бидат еднакви пред законот, а имунитетот не смее и не може да се користи за попречување на правдата.
Пратениците кои беа дел од сценариото за дестабилизација на државата и воведување на воена состојба, немаат морален кредибилитет да седат во парламентарните клупи, уште помалку да се повикуваат и сокриваат зад пратеничкиот имунитет,туку да бидат исти како и останатите за кои се води судска постапка.
Демократскиот сојуз апелира граѓаните да не учествуваат во протести со кои се врши притисок врз работата над судовите, бидејќи на тој начин пречат овој злосторнички акт да се расчисти, а главните актери да понесат одговорност“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.