Демократската унија за интеграција (ДУИ) како дел од албанскиот политички блок ќе освои најголем број гласови и демократски е таа да биде дел од новата влада. Ова денеска го изјави шефот на изборниот штаб на ДУИ Беким Незири, откако лидерот на партијата Али Ахмети во партиското седиште во Мала Речица, одржа состанок со централниот изборен штаб, општинските изборни штабови и повеќе ограноци на партијата.
– Апсолутно демократско право е дека треба да се почитува гласот на граѓаните на Македонија, и ние остануваме на тој курс, дека секогаш гласот на народот е тој што треба да се престави во Собрание или во кои било други институции – изјави Незири.
На денешната средба како што рече Незири, Ахмети дал сигнал да се почне со активностите кои се предвидени за време на предизборната кампања. Посебно внимание на овие избори, ДУИ ќе посвети на гласачите од дијаспората.
– За овие избори имаме подготвено посебна стратегија за дијаспората, која според нашата партија многу придонела за државата – рече Незири.
Тој додаде, дека ДУИ ќе настапи сама на престојните избори закажани за 11 декември.