ДУИ побарала од претседателот Пендаровски повторно да ја разгледа одлуката за именувањето на Ерол Муслиу за прв човек на Агенцијата за разузнавање.
-Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директор на Агенцијата за разузнавање не вознемири сите и фрли сенка на вчерашниот ден кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби. Нашите информации дека одлуката е заснована на недоволни информации и дека не е злонамерна, меѓутоа ставот на ДУИ е дека додека не се расветлат до крај кумановските настани, ниту еден човек кој што бил дел од службите тогаш не треба да биде на чело на таквите сензитивни институции. Затоа очекуваме дека во овој период претседателот ќе собере повеќе информации и ќе рефлектира по однос на неговата одлука, рече вицепремиерот Бујар Османи во својство на портпарол на ДУИ во изјавата за медиумите по обраќањето на меѓународниот семинар „СЕП, Центарот за обуки и димензијата на човечките ресурси“.
Една од првите одлуки на претседателот Пендаровски по стапувањето на функцијата која беше соопштена вчера од неговиот кабинет е назначувањето на Ерол Муслиу за нов директор на Агенција за разузнавање. Муслиу порано работел во Управата за безбедност и контраразузнавање, а во последниве години во Агенцијата за разузнавање.