DW: ЕУ парламент – Лондон да ја плати сметката, па да си оди

Сподели

Парламентот на ЕУ денеска ѝ порача на Велика Британија дека ќе мора да се постигне согласност за финансиско порамнување пред да може да започне преговори за трговски договор, пишува Дојче веле.

Пратениците во парламентот на ЕУ денеска со големо мнозинство од 516 гласа наспроти 133 кои беа против, изгласа резолуција која ги поставува основните принципи за заминувањето на Велика Британија од ЕУ, вклучително и „сметката за разводот од ЕУ“. Резолуцијата е прв официјален одговор на една институција на ЕУ откако минатата недела почна да отчукува часовникот за Брегзит. Во истовреме, тоа е и јасно одбивање на барањето на британската премиерка Тереза Меј која сака преговорите за напуштање на ЕУ и оние за нов трговски договор со ЕУ да течат паралелно.

Иако официјалната пресметка за „сметката за разводот“ сѐ уште не постои, претставници на ЕУ сигнализираа во изминатиот период дека Британија ќе мора да плати околу 60 милијарди долари за неплатени буџетски и пензиски обврски и гаранции за заеми.
Британски претставници ја отфрлаат таа пресметка.

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, рече дека неговата цел е да постигне „единствено финансиско порамнување, кое ќе ги покрие сите обврски“.
„Никогаш нема да го казниме Обединетото Кралство – никогаш! Само ќе бараме да ги испочитува обврските кои ги презедовме заедно“.

Лидерот на парламентарниот блок на Европската народна партија, Манфред Вебер ја предупреди Британија дека нема да има можност за „пребирање“. „Една држава надвор од ЕУ не може да добие исти или подобри услови од држава која е внатре во ЕУ“, рече Вебер.

Парламентот ќе мора да го одобри конечниот договор за Брегзит кој ќе го постигнат ЕУ и британските преговарачи. Рокот за тоа е март 2019 година.