Во големиот пожар во станбена висококатница во Лондон загинале повеќе лица а најмалку 30 се повредени. Во гаснењето на пожарот учествуваа 200 пожарникари, пренесува Дојче веле.
Началникот на противпожарната служба на Лондон Дени Котон утринава соопшти дека во пожарот во 27-катната станбена зграда Гренфел Тауер има засега неопределен број на загинати. „Многу ми е жал што морам да потврдам дека има неколку загинати. Не можам, меѓутоа, во моментов да потврдам колкав е нивниот број, со оглед на големината и комплексноста на зградата“, изјави Котон. Тој истотака истакна дека причините за пожарот, кој избувна во раните утрински часови, и натаму се непознати.
Огнената стихија го зафати целиот облакодер во западниот дел на британскиот главен град а чадот кој се креваше од местото на несреќата можеше да се види на неколку километри оддалеченост.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, на социјалната мрежа Твитер објави дека е прогласена состојба на голема несреќа. Пожарот избувна еден час по полноќ по локално време, како што се вели на еден од горните катови на зградата, а првите амбулантни возила пристигнаа до местото на инцидентот пет часа потоа.
Лондонската противпожарна единица соопшти дека 45 противпожарни возила и 200 пожарникари биле повикани на местото на несреќата. Помошникот началник на противппожарната служба, Ден Дејли изјави дека станува збор за многу тежок и сериозен инцидент. „Пожарникарите со заштитни маски работеа многу напорно, во многу тешки услови, за да го сузбијат пожарот“, наведе Дејли.