Во средата, СЈО за првпат објави истрага за предмет што директно вклучува економски криминал на поранешни владини моќници, со обвинение дека го оштетиле буџетот на земјава за 860,000 евра. Истиот ден, пак, беше емитувана истражувачка сторија дека Партијата на Груевски, според имотот, е најбогатата партија во Европа. На овие обвинувања, Центарот за комуникации на ДПМНЕ до јавноста испрати кусо соопштение до кое изјави дека: „На 11 декември СДСМ ќе биде казнет уште еднаш за сета штета и сиот криминал кој го сторил на штета на граѓаните“.
Комунистичкиот парадокс на ДПМНЕ
Во психоанализата, ова поведение на негирање, го нарекуваме уште и процес на „укинување на темпоралноста“. ДПМНЕ на Груевски не само што не го признава евентуалниот криминал од големи размери, туку се чини во него и не гледа сериозен проблем, затоа што има востановен систем да се смета себеси за носител на „новото“ кое е автоматски прогресивно, додека сето она што било некогаш автоматски е „регресивно“. Оваа пропаганда, по десет години, го даде својот резултат и сега зборуваме за Партија што временскиот хијатус го искористи за да се промовира себеси како носител на „новото” и на „преродбата”. И додека во реалноста, успешните посткомунистички земји сепак испаднаа оние што ги задржаа добрите практики од стариот систем, а ги модификуваа оние сегменти од своите општества, што требаше да се усогласат со парламентарното уредување (како, на пример, во Република Словенија), дотогаш најлошите транзициски приказни испаднаа токму оние што ја укинаа темпоралноста и прогласија дека „Се’ започнува од ново“! Како кај нас.
Еве постар советски виц на оваа тема. Еден клиент оди во банка со намера да депонира 100 рубљи, но прашува дали парите ќе му бидат безбедни. Банкарскиот службеник му вели дека банката ги гарантира сите депозити. „Но, што ако банката пропадне?“, прашува клиентот. „Тогаш, Централната банка ќе ви ги гарантира локалните депозити“. „Да, но што ако самата Централна банка пропадне?“. „Во тој случај“, вели банкарот, „Советскиот Сојуз ги гарантира банкарските депозити“. Се’ уште во сомнежи, клиентот конечно се осмелува да праша: „Но, што ако пропадне самиот Советски Сојуз!?“. Изнервиран, службеникот му возвраќа: „Па дали сакате да ми кажете дека не сте подготвени да ги изгубите овие мизерни сто рубљи, ако цена за тоа е да се распадне самиот Советски Сојуз?“
Со други зборови, желбата за уништување на целата постоечка инфраструктура преку постојаното анегдотско менување на законите, преку нови и нови пакети и проекти и програми, конечно, кај нас, доведоа до ситуацијата во која навистина, Партијата на Груевски успеа во јавниот дискурс да ги украде повеќето симпатии, како и повеќето фактички ресурси во земјава, и тоа – токму во име на пропаѓањето на „стариот свет“ и воспоставувањето на нов полис, на нови правила. Со тоа македонското општество се најде во многу слична ситуација на таа од некогашната комунистичка Македонија. Во моментов големи се структурните сличности помеѓу некогашната желба на комунизмот да го исчисти светот од „нечистотијата на буржоаската корупција“ и сегашната желба на ДПМНЕ да раскрсти со „светот на комунизмот“, одошто се големи разликите.
А токму тоа го создаде и најтраорниот парадокс на ДПМНЕ на Груевски. Неговата Партија е нај(ретро)комунистичката партија во 25-години независност на Република Македонија и е Партија носител на најнеуспешната посткомунистичка транзиција во овој дел од светот.
Најбогатата партија во Европа
Во средата, СЈО објави истрага за предмет кој за првпат ја сомничи владејачката елита за економски криминал. Три лица од УБК и едно лице од МВР се осомничени за прибавување имотна корист од 862,000 евра при набавка на софистициран софтвер за следење на граѓаните. Синоќа, судот го одби барањето за притвор за поранешниот началник на Петтата управа, а во наредните три дена ќе се знае дали е одбиена мерката за одземање пасош на три осомничени лица, меѓу нив и на Сашо Мијалков. Истиот ден, беше објавен 10-минутниот документарен филм на Центарот за истражувачко новинарство Скуп, финансиран од данската асоцијација за истражувачко новинарство во кој се вели дека Партијата на Груевски во периодот 2006-2016 станала една од најбогатите партии во Европа.
Според истражувањето, по десет години владеење, ДПМНЕ поседува имот поголем од шведската центристичка партија, од партијата на Ангела Меркел во Германија и од партијата на лабористите на Корбин и на конзервативците на Тереза Меј заедно! Или во бројки, според истражувањето, Партијата на Груевски за една деценија се стекнала со: 1) 93 имотни листови на партиски седишта низ земјава; 2) ДПМНЕ има над 33.000 квадратни метри објекти, земјоделско земјиште и пасишта; 3) Пазарната вредност на имотот на ДПМНЕ се проценува на 60 милиони евра; 4) Новоизградената Палата во центарот на Скопје се проценува на 40 милиони евра; 5) Иако имотот на ДПМНЕ е проценет на 60 милиони евра, во 2015 година во Партијата имало само две вработени лица.
Во моментов е јасно дека СЈО ги отвора внимателно само оние истраги за кои може да донесе доволно докази на суд. И дека тие се само делчиња од големата шема за богатење на Партијата. СЈО во моментов зборува за злоупотреба на државни пари кои се под еден милион евра, иако проценките на разни економски експерти се дека Партијата на Груевски освен што е една од најимотните во Европа, за десет години од земјава има испумпано неверојатни 4 до 5 милијарди евра.
Одговорот на прашањето како ДПМНЕ на Груевски во една деценија успеа од најзадолжена партија да стана финансиски магнат, а воедно и една од најбогатите партии во Европа, лежи токму во објаснувањето погоре. Дел од успехот на Груевски е комбинацијата од криминал во спрега со идеологијата на делумно следење на некогашниот комунистички стил на владеење (кај него помогнат и со капиталистичката и со постсоветската пропаганда, чии услуги ги користи со години, а најново, според најавите, ќе ги користи и оваа недела). Тоа од неговата Партија направи убиствена машинерија за завладејување со повеќето материјални, човечки и кадровски ресурси во земјава.
Сонот за номенклатурата
За таквото завладејување, клучни беа следниве три чекори. 1) Четирите „Преродби” на ДПМНЕ (2006, 2008, 2011 и 2014) се пандан на т.н. „Петолетки” од ерата на комунизмот и го кријат кодот на асимилацијата на државата од Партијата. 2) Тајните служби на Мијалков, со упадите во приватноста на граѓаните (иако такви имаше и во ерата од 1991-1999), според степенот и опсегот на следените лица, се еквивалент само на УДБА од времето Тито и Ранковиќ. 3) Белата палата на ДПМНЕ, проценета на 40 милиони евра, во последниве две години прерасна во централа на Партијата, од која се изведуваат сите најважни операции на Партијата. Тоа е и причината зошто оваа зграда е најчуваниот објект во Република Македонија, стратешки поважен за Груевски и од Владата и од Собранието на Република Македонија (факт што беше евидентен и во текот на т.н. Шарена Револуција).
Палатата на ДПМНЕ во 2014 мистериозно порасна од 400 до неверојатни 4,000 квадратни метри, а зградата од стотина квадратни метри се претвори во партиски посед од преку 1,200 квадратни метри. Истиот објект повторно стана предмет на интерес пролетта 2016, кога се појавија првите тајни фотографии од наводни 50 нарачани украински слики со мотиви од историјата на Партијата, вклучувајќи ја и најголемата слика: семејниот портрет на Груевски. Како и во комунизмот, така и денес, јавноста нема речиси никаков увид во внатрешноста на зградата, како што немаше ниту во резиденција на Дедиње во која 35-години работеше и живееше вечниот Маршал на Југословенската федерација.
Текстот во целост прочитајте го тука
Јасна Котеска, dw.com.mk