На парламентарните избори во Албанија се наѕира јасна победа на владејачката Социјалистичка партија. Прогнозите велат дека таа може да освои и апсолутно мнозинство, пренесува Дојче веле.
Партијата на албанскиот премиер Еди Рама по пребројувањето на гласовите во речиси една петтина од изборните места има освоено околу 50 проценти, соопшти утрината изборната комисија на Албанија. На второто место се наоѓа конзервативната Демократска партија на опозицискиот лидер Љуљзим Баша со 27,3 проценти.
Досегашниот колициски партнер на Рама, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) на Илир Мета според првичните делумни резултати се наоѓа на третото место со освоени 15,3 насто гласови. Според прогнозите, постои можност партијата на Рама да освои дури и апсолутно мнозинство од 71 пратеник во 140-члениот албански парламент и во иднина да може да владее сама. Но овие прогнози важат за несигурни.
Досега Рама јавно не ја коментираше прогнозираната изборна победа на неговата Социјалистичка партија. Според медиумски извештаи тој досега испратил само една порака до пратениците од неговата партија. Сопартиецот на премиерот и градоначалник на Тирана Ерион Велиај во кратка порака на социјалната мрежа Твитер славенички истакна: „Победа за политиката на напредок, реформи и европска перспектива“.
За разлика од претходните избори во Албанија кои секогаш беа засенувани од насилство и обвинувања за изборна измама, овојпат гласањето помина без поголеми инциденти, гласи оценката на светските новински агенции. Изборите беа под мониторинг на околу 3000 набљудувачи, од кои 300 од странство. Поради ниската излезност изборните места вчеравечер беа затворени еден час подоцна од планираното. Но и покрај тоа одзивот на парламентарните избори беше само 45 проценти, со што е достигнат нов негативен рекорд. Најниската досега забележена излезност на парламентарните избори во Албанија од 54 проценти беше забележана во 2013 година.