За дел од граѓаните кои не можеле да го стварат гласачкото право било утврдено дека биле на списокот со спорни гласачи и дека не поднеле барање за пријавување во списокот во законски предвидениот рок.Раздвижено е во сите општини во Македонија. Излезноста на гласачите која до 10 часот изнесуваше 9,49 проценти на ниво на целата земја, до 13 часот порасна на 34,86 отсто, а фреквенцијата на гласачи расте и попладнево. Со растот на одзивот, акредитираните набљудувачи бележат и раст на изборни неправилности, слични на оние кои биле регистрирани претпладнето. Според потврдени информации доставени од набљудувачите и регионалните канцеларии на „Мост“, досега биле забележани повеќе неправилности на гласачките места, пренесува Дојче веле.
Агитирање и евидентирање на гласачите
На избирачкото место 0473 во општина Маврово и Ростуше, според „Мост“, член на Избирачки одбор ги евидентирал гласачите во посебен список и истиот го предавал на неовластено лице. На избирачкото место 0558 во општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што Избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Но, лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентирало гласачите. Во Основното училиште „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време било отстрането од страна на Избирачкиот одбор. Пред гласачкото место 0740 во општина Кичево биле присутни неовластени лица кои ги евидентирале гласачите кои влегуваат во објектот. Истото се случувало и пред други два објекта во општина Кичево, во кои биоле сместени 6 избирачки места. Пред Основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, во кое се сместени 11 гласачки места биле присутни неовластени лица кои агитирале. Таков случај бил регистриран и на гласачкото место 2.464 во општина Чучер-Сандево, а на избирачкото место 0845 во општина Кочани, 12 гласачи јавно гласале со покажување на нивните гласачки ливчиња. Нови случаи на фотографирање на гласачките ливчиња биле забележани на гласачкото место 2.561, општина Ѓорче Петров каде не реагирал Избирачкиот одбор, во 1.644 во општина Ресен, каде што бил направен записник, и во 1.612 во општина Конче каде Избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски. На гласачкото место 0882 во општина Чешиново-Облешево, активист на политичка партија кој не бил овластен да присуствува таму, не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил самиот. Членовите на Избирачкиот одбор побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа. Сличен случај е регистриран и на избирачкото место 1.152 во општина Старо Нагоричане, каде на лице со оштетен вид не му била дозволена помош од член од семејството, а тоа го сторил член на Избирачкиот одбор предложен од партија. На гласачкото место 1086/1 во општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од Избирачкиот одбор, член на Избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.
Спорни гласачи
Досега до ДИК не се стигнати пријави за нерегуларности, па Комисијата ги соопштува само резултатите од одзивот на гласачите. Според ДИК, до 13 часот одѕивот од гласањето бил 34,86 проценти од обработени 3.300 од вкупно 3.524 избирачки места. На гласање до 13 часот излегле 581.899 од вкупно запишаните 1.784.416 граѓани во Избирачкиот список. Излезноста во првата Изборна единица е 38,35 проценти, во ИЕ 2 е 33,67, во ИЕ 3 е 38,67, во ИЕ 4 е 39,13 проценти, во ИЕ 5 е 33,55, а во ИЕ 6 одзивот е 23,85 проценти.
Според портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, до Комисијата биле поднесени околу 20 приговори, а досега разгледаните биле доставени од граѓани кои се пожалиле дека ги немало на Избирачкиот список. Утврдено било дека тие граѓани биле на списокот со спорни гласачи и дека не поднеле барање за пријавување во списокот во законски предвидениот рок.