Американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли денеска уште еднаш му порача на претседателот на државата Ѓорге Иванов, дека од него се очекува да ја преиспита одлуката за доделување на мандатот, јавува Дојче веле.
„Мислам дека е важно демократските институции да функционираат и во тоа се содржани решенијата”, повтори денеска американскиот амбасадор во земјата, Џес Бејли.
Тој смета дека Договорот од Пржино и натаму е добра основа за надминување на политичката криза во Македонија.
„Имавме систем поставен од мај до јули 2015, кој предвидуваше кризата да се разреши со враќање во Собранието, со создавање услови за добри и фер избори, со справување со прашањето на неовластено прислушуваните разговори, како тие настанале и што откриваат, и потоа да продолжиме со реформските приоритети“, рече Бејли, дополнувајќи оти смета дека е тоа добра основа за продолжување натаму.
Во светло на тензиите во општеството, тој ги повика институциите да ги „приближуваат граѓаните едни со други”.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов во екот на политичка криза замина во посета на Азербејџан. Од СДСМ денеска го критикуваа поради таквиот чекор.
„Наместо да го послуша ставот на мнозинството граѓани и на меѓународната јавност и да го додели мандатот за составување на нова влада, Иванов под влијание на Груевски, избра да ја продлабочи кризата и да замине во Азербејџан“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Во партиското седиште денеска на разговори дојде и лидерот на движењето Беса, Билал Касами кој со Заев разговарал за можните решенија за надминување на кризата.