Еден полицаец е убиен, а уште двајца се ранети во напад во центарот на Париз. Напаѓачот е убиен, а француската полиција трага по можни соучесници. Мотивите за нападот не се познати
Елисејските полиња, каде се случил нападот се целосно затворени од полицијата, а на граѓаните им се советува да го избегнуваат центарот на Париз. Според извештаите, најверојатно се работи за еден напаѓач вооружен со автоматско оружје, иако има информации и дека се трага по уште еден соучесник во нападот.
„Првично делуво дека полицајците биле намерна цел“, изјави портпаролот на француското министерство за внатрешни работи Пјер-Анри Бранде.
Напаѓачот кој отворил оган кон полицајците е убиен, тврди агенцијата Ројтерс. На снимките на социјалните мрежи може да се забележи големо полициско присуство на најпознатиот париски булевар, а хеликоптери го надлетуваат градот.
Инцидентот се случува на само неколку дена пред првиот круг од претседателските избори во Франција закажани за в недела. Тероризмот и заканата од исламските милитанти беа главна тема во кампањата која ветува голема неизвесност.