DW: Ураганот Харви ги врати сеќавањата на Катрина

Сподели

Четвртиот по големина град во САД е речиси целосно под вода, а метеоролозите и спасувачите велат дека состојбата побрзо ќе се влошува одошто подобрува. Илјадници луѓе останаа без своите домови, пренесува Дојче веле.

Ураганот Харви предизвика катастрофални поплави во Хјустон, оставајќи илјадници луѓе да се борат за преживување во надојдените води кои надминуваат еден метар и спасувачки служби кои не можат да постигнат да одговорат на сите повици за помош. Поголемиот дел од територијата на градот- четврти според големината во САД, е прекриен со сиво-зелена вода, а улиците се претворени во реки. Надлежните ги повикуваат граѓаните да побараат прибежиште на крововите на своите куќи или згради затоа што нивото на водата на некои места достигнува до вториот кат на куќите.

Хеликоптери и авиони го надлетуваат градот, патролираат спасувачки чамци, а некои луѓе се обидуваат да се евакуираат со кануа и мали бродови или едноставно пливаат.

Ураганот Харви како бура од четврта категорија го погоди Хјустон во петокот, а оттогаш се претвори во тропска бура со огромни наноси на дожд.

Поради огромното количество вода, властите беа принудени привремено да ги отворат вентилите на браните кои го штитат градот од поплави – во спротивно, стравуваат дека браните можат целосно да попуштат.

Бурата досега директно погоди околу една четвртина од населението на Тексас, или 6,8 милиони луѓе во 18 окрузи. Најмалку две лица го загубија животот. Метеоролозите пресметале дека во просек во Хјустон наврнале околу 1,3 метри дожд на метар квадратен.

DW