DW: Забраната на Трамп за муслиманите стопирана на неограничено време

Сподели

Федерален судија во Хонолулу го продолжи на неопределено време стопирањето на спорната одлука на Трамп за забрана на влез во САД на граѓани од претежно муслимански земји, пренесува Доче веле.

Федералниот судија од Хонолулу Дерик Вотсон ја продолжи привремената забрана на спроведувањето на втората одлука на претседателот Трамп, донесена на 15. март, па таа сега важи на неограничено време, како што потврди министерот за правда од Хаваи, Даг Чин.

Во првичната одлука, Вотсон аргументираше дека забраната за влез во земјата е верски дискриминирачка и со тоа неуставна, а позицијата на американската влада е „нелогична“. Доколку стапи во сила, се стравува дека забраната би предизвикала „непоправлива повреда“ на правата и јавните интереси. Повод за привремената суспензија беше жалбата на сојузната американска држава Хаваи против претседателскиот декрет, кон која се приклучија и 13 други сојузни држави.

Втората забрана за влез во САД, донесена од владата на претседателот Доналд Трамп, исто така беше суспендирана, од страна на федерален суд во Мериленд. Двајцата судии се повикуваат на изјавите на Трамп и неговите советници дадени во минатите месеци. Трамп во текот на својата предизборна претседателска кампања во ноември во повеќе наврати се изјасни за генерална забрана за влез на муслимани во САД. Во меѓувреме, според неговото подоцнежно образложение, мерката е неопходна во функција на антитерористичката борба.

Втората забрана, која претставува ублажена верзија на првиот декрет, предвидува забрана за  влез во земјата на државјани од шест претежно муслимански земји. Ирак е симнат од листата содржана во првиот декрет на Трамп, а на неа остануваат и натаму Иран, Јемен, Либија, Сирија, Судан и Сомалија.

Трамп уште во средината на март ја критикуваше судската одлука од Хаваи како погрешна, најавувајќи, доколку биде нужно, да ја оспори пред Врховниот суд на САД. Се очекува дека Министерството за правда ќе ја обжали и најновата одлука.