Во партиската база врие од незадоволство, тврдат извори од месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Вината за сегашната состојба ја лоцираат во Груевски и во групата околу него, пишува Дојче Веле
ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција, но Груевски останува лидер. Ваквиот став кој произлегол од последната седница на Централниот комитет на партијата, не беше официјално соопштен, но стигна како реакција по бројните медиумски текстови кои шпекулираа со можен партиски наследник на Груевски.
„Никола Груевски ја водеше партијата и во последната изборна победа на која мнозинството граѓани гласаа за програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски ја има максималната поддршка и на Извршниот и на Централниот комитет. Најважно од сѐ е тоа што Никола Груевски е политичарот кој има убедливо најголема доверба меѓу граѓаните“, се вели во партиското соопштение.
Шпекулациите за повлекување на Груевски од лидерската функција се совпаднаа со двегодишнината од неговиот четврти по ред реизбор за партиски претседател, реализиран на 15. Конгрес што се одржа на 3-ти мај 2015 година во Куманово, шест дена пред трагичните настани во тамошното „Диво насеље“. Тогаш, од вкупно 560 регистрирани делегати во гласањето учествуваа 529, од кои 528 гласаа за реизбор на Груевски, а едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко. Тој беше единствен кандидат за функцијата. Со избор во „конкуренција“ од севернокорејски тип, партијата се обиде да промира единство и сплотеност, како одговор на опозициските „бомби“ кои ја демаскираа „чесноста“ на партискиот врв.
Кого лажат?
И вчерашното партиско соопштение промовира иста таква „максимална поддршка“, но извори надвор од Извршниот и Централниот Комитет, велат дека состојбата во партиската база воопшто не е соодветна на таквиот став.
„Врие од незадоволство. Вината за сегашната состојба сите ја лоцираат токму во Груевски и групата околу него, што објавува вакви соопштенија. Тие максимално го разочараа членството. Велат дека Груевски ја има максималната поддршка. Од каде знаат? Нѐ прашале ли? Битни сме само кога треба да трчаме за избори и да полниме автобуси за протести. Сега праќаат абери да не потклекнуваме, дека ова брзо ќе поминело, дека ќе следеле кој како ќе се однесува во овие клучни моменти, дека наскоро ќе се договореле следните чекори… Какви следни чекори по ваков срам и пораз? Единствен чекор треба да биде смена во врвот“, вели извор од месен комитет.
Сличен став делат и во други комитети. Гневни се што партиското раководство со денови ги подгревало надежите дека „никој ништо не им може”.
„До нас ширеа прикаски декаклучни луѓе во меѓународната заедница сѐ уште стојат зад Груевски и дека во Малта тој наводно завршил голема работа, особено на средбата со Меркел. Кого лажеле – себеси или нас? Ако вака продолжат, можеби ќе има ‘лидер’, ќе има Централен и Извршен комитет, ама ќе нема партија. Додека не разберат дека смената на врвот е во корист на партијата, а не на нејзина штета, како партија ќе пропаѓаме сѐ подлабоко“, вели соговорникот.
ДВ вчера се обиде да стапи во контакт со повеќе функционери од ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден од нив не одговори на повикот.
Советот на Георгиевски
Добронамерни сугестии за реформи во партијата, доаѓаат и од нејзини поранешни функционери. Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, вчера во настап на ТВ „24“ му препорача на Груевски да го следи неговиот примeр.
„Јас си дадов оставка кога бев поразен. Реформирање на партијата е најдобро решение“, рече Георгиевски, укажувајќи дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме урнале многу мостови, направиле многу грешки и би било лошо ако продолжат во иста насока.
Дека Георгиевски не се однесува во стилот „после битка – генерал“, сведочи фактот дека тој уште лани сугерираше потреба од реформи во ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и да ги гледате работите, ВМРО-ДПМНЕ е во многу критична и тешка состојба. Колку и партијата однадвор да изгледа монолитна, може да ѝ се случи таква експлозија, по што од неа ништо нема да остане. Ќе навлезе во тотално распаѓање. Балканот е полн со такви примери. Партијата тешко ќе се извлече од таквата ситуација, ако не промени нешто“, изјави бившиот лидер на ВМРО- ДПМНЕ во интервју за БИРН.
Но,тие пораки ни тогаш не допреа до Груевски, па нереформираното ВМРО-ДПМНЕ сега веќе не може да ги санира ниту претходните, ниту штетите што во меѓувреме ги предизвика истото раководство, кое и не дава сигнали дека ќе престане да призведува нови. Од партијата декларативно најавуваат дека ќе бидат „силна и конструктивна опозиција“, но нејасно е како ќе го реализираат тоа со партиско раководство искомпромитирано и на домашна и на меѓународна сцена.
Харикири и за државата и за партијата
Груевски е на чело на партијата 14 години, а неговата партија беше на власт 11 години. За првпат е избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 12. Конгрес одржан во 2003 година во Охрид. Тоа беше единствениот случај кога тој имаше противкандидат. Од присутните 290 делегати, 226 гласаа за Груевски, а 69 за неговиот противкандидат Марјан Ѓорчев. На конгресите на ВМРО-ДПМНЕ одржани во Штип во 2007 и во Битола во 2011 година, Груевски беше избран со акламација, како единствен кандидат. Според аналитичари, тој свесно градел „заробена партија“ од него, за да може од позиција на власт да изгради и „заробена држава“, како што е опишана Македонија во Извештајот на Европската комисија.
„Од гледна точка на Уставот и на евроатлантската интеграција, до вчера како режимска партија, и сега како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ е нешто онострано – реална антимакедонска странска сила“, оценува Димитар Димитров, министер во првата експертска влада и амбасадор.
„Тоа што тие сега го прават, непосредно и преку злоупотребата на пратениците и демонстрантите, претставува активност за реставрација на режимот. Како таква, таа активност не само што е неуставна, туку е харикири и за државата, и за партијата. Што друго може да се очекува од позиција при која албанските етнички партии се перцепираат како петта колона, СДСМ како предавничка, меѓународната заедница како непријателска странска сила и се бараат нови избори, на кои, се разбира, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ! Таквата позиција е апсурдна, или по наше – надвор од умот“, оцени Димитров.