Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги објави извештаите од медиумите и другите прaвни субјекти за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020 и средствата кои се платени или се побаруваат по таа основа.
Извештаи доставиле 19 правни субјекти, меѓутоа два од нив („Јени Балкан“ и „РФМ Радио“) само известуваат дека не емитувале ниту една реклама. Меѓу останатите 17 правни субјекти, кои доставиле извештаи до ДЗР има една телевизија („Телма“), повеќе интернет портали, едно радио („Експрес“), две компании за билборд рекламирање („Акцент медиа“ и „Скрин медиа“) и едно здружение („Журналист“).
Според извештајот на телевизија „Телма“, за време на кампањата се рекламирале осум учесници во изборната трка. До доставувањето на извештајот до ДЗР ниту еден од нив не ги платил обврските. Најмногу рекламен простор од 36.681 секунда закупила Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и затоа на „Телма“ и должи 4,1 милиони денари или околу 67.000 евра. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова“ закупиле рекламен простор во траење од 22.700 секунди и за тоа имаат неплатени обврски од 2,5 милиони денари или околу 41.000 евра. Забележително е дека трета на листата по големината на закупениот простор е Твоја партија којашто се рекламирала 6.530 секунди и за тоа треба да плати 737.249 денари или речиси 12.000 евра.
Голем дел од парите за политички маркетинг завршиле кај компаниите за билборд рекламирање. Според извештајот на компанијата „Акцент медиа“, билборди закупиле 11 политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова“ од оваа компанија закупиле 136 билборди на различни локации во земјата и за тоа имаат неплатени обврски од 7,1 милиони денари (116.000 евра). Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ од оваа компанија закупила 131 билборд во повеќе градови во земјава и за тоа има неплатени обврски од 5,9 милиони денари (96.000 евра). Останатите политички партии имаат закупено значително помалку билборди, но карактеристично е тоа што тие веќе платиле за рекламирањето за разлика од двете најголеми коалиции кои имаат долгови по овој основ.
Според извештајот на компанијата „Скрин медиа“ билборди за изборната кампања закупиле десет политички партии и коалиции. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова“ закупиле 110 билборди и за тоа имаат неплатени обврски од 4,8 милиони денари или околу 78.000 евра, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ закупила 60 билборди и за тоа има неплатени обврски од 2,2 милиони денари или околу 36.000 евра. И за оваа компанија е карактеристично што помалите партии веќе платиле за рекламирањето додека најголемите две партии должат.
Шаренолика е состојбата во однос на изборното рекламирање на интернет каде што сумите одвоени за рекламирање за изборната кампања се драстично помали отколку за другите медиуми. Сепак, има примери што отскокнуваат.
Според извештаите објавени од ДЗР, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова“ одвоила повеќе пари за онлајн политички маркетинг во однос на останатите учесници во изборната трка.
Оваа коалиција позначителна сума од 1,2 милиони денари или околу 20.000 евра одвоила за онлајн рекламирање на седум портали на компанијата „Глобал нет“. Оваа коалиција одвоила и 725.000 денари за рекламирање на порталот „Вечер.мк“, 431.858 денари (плус ДДВ) за рекламирање на „Кајгана“ и 431.874 денари за рекламен простор на „Плусинфо“.
Од друга страна, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ одвоила 283.200 денари за рекламирање на „Макфакс“ и „Грид“ и 141.600 денари за реклами на А1ОН и незначителни суми за неколку други онлајн медиуми.