Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги објави извештаите на политичките партии за вкупните приходи од примени донации на трансакциските сметки за финансирање на изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020 година.
Партиите доставувале по два извештаи, еден од денот на отворање на трансакциската сметка до крајот на десеттиот ден од изборната кампања и вториот од единаесетиот ден од изборната кампања до нејзиното завршување.
Во извештаите на партиите коишто обезбедија место во новиот собраниски состав може да се забележат драстични разлики во однос на вкупната сума донации кај поединечните коалиции и партии.
Најголем износ донации за изборната кампања за предвремените парламентарни избори добила Коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Вкупните приходи по основ на донации за изборната кампања на „Обнова“ изнесувале 33 милиони денари (538.000 евра). Во најголем дел станува збор за донации од физички лица, но има и неколку правни субјекти.
На второто место по добиени донации е Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ. Вкупните приходи на „Можеме“ по овој основ изнесувале 14,2 милиони денари (231.000 евра) и во најголем дел се од физички лица.
Потоа, следува ДУИ којашто имала вкупни приходи од донации за изборната кампања од 4,5 милиони денари (74.000 евра). Демократската партија на Албанците (ДПА) од донации остварила приходи од милион денари или околу 16.700 евра, а како донатори се јавуваат само 14 лица.
Забележително кај извештаите на „Левица“ и Коалицијата меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива е дека само по едно лице донирале пари за изборната кампања. Сепак, „Левица“ на сметката за изборната кампања префрлила средства од сметката за редовно работење во износ од 3,5 милиони денари (57.000 евра), а Алијансата за Албанците е единственото правно лице кое донирало пари за изборната кампања за коалицијата со „Алтернатива“ во износ од 6 милиони денари (97.000 евра).