E-печалбарите од Велес што пропагираа за Трамп ги освоија светските медиуми

Сподели

lejt-najt-shou-veleshani

Македонските тинејџери од Велес станаа глобална атракција откако дел од светските медиуми тврдеа дека велешаните, преку нивните пропагандистички веб-страници со лажни вести, влијаеле на тоа републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, да седне во Белата куќа.

Откако во април минатата година „Мета“ пишуваше за петтемина млади велешани, сопственици на веб-страници што пренесуваат пропагандистички, најчесто лажни вести поврзани со избраниот претседател Доналд Трамп, голем број светски медиуми пишуваа за овој феномен и се обидуваат да стапат во контакт со досетливите велешани.

Неколку дена пред да се одржат претседателските избори во САД, светски влијателната веб-страница „Базфид“ во опширна анализа пишуваше дека најмалку 140 веб-страници на жители од Велес објавувале агресивна пропаганда за Трамп. Според „Базфид“, Велес, град од 45.000 жители, доживеал дигитална треска.

Сопствениците на овие веб-страници со кои контактираше „Мета“, велат дека Велес е преплавен со вакви и со слични „портали“ во потрага по повеќе кликнувања и по заработка. Петтемина млади велешани тогаш посочија дека финансискиот надомест им е најсилниот мотив за регистрирање на веб-страниците.

Откако Трамп победи на претседателските избори во САД, велешаните станаа светски популарни, па за нив, цитирајќи ја „Мета“, меѓу другите пишуваа и „Јаху њус“, австралиската „Еј-би-си њус“, „Њујорк магазин“, „Интернејшнл бизнис тајмс“ како и шпанскиот „Ел конфиденсијал“.

До „Мета“ се обратија и продуценти на две од трите најголеми телевизиски мрежи од САД, „Си-би-ес“ (CBS) и „Еј-би си“ (ABC), кои сакаат да контактираат со досетливите велешани.

Велешаните добија и неколку минути простор во популарната емисија на „Си-би-ес“, „Лејт најт шоу“ на Стефан Колберт, кој им се обрати со зборовите „Еј, македонски тинејџери! Престанете!“.

Додека Колберт зборуваше за велешаните (од 5.15 минута), на екранот се појави и македонското знаме.

– Може ќе се запрашате како дојдовме тука. Многу луѓе мислат дека Доналд Трамп победил поради „Фејсбук“, најмногу затоа што „Фејсбук“ е полн со лажни стории кои се шират масовно без да бидат проверени дали се точни. Од каде доаѓаат овие стории? Стотици различни веб-страници доаѓаат од тинејџери од мал македонски град кои за да заработат пари преку интернет објавуваат сензационалистички стории со лажна содржина. Еј, македонски тинејџери! Престанете! Зошто не можете да правите нормални тинејџерски работи? – вели Колберт.

По повикувањата на медиумите и на јавноста, со став излезе и основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“, Марк Зукерберг, кој ги демантираше медиумските написи дека социјалната мрежа придонела за пораст на популарноста на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

– Идејата дека лажните новости на „Фејсбук“ влијаеле на исходот е ептен луда идеја. Ако во тоа верувате, мислам дека не сте ја сфатиле пораката што симпатизерите на Трамп се обидоа да ја испратат со овие избори – рече Зукерберг.

По победата на Трамп, „Мета“ повторно стапи во контакт со велешаните, кои изјавија дека не влијаеле на тоа американскиот милијардер да стане 45. претседател на САД. Дел од нивните пропагандистичките веб-страници или не постојат или неколку месеци ништо не објавуваат.

Дел од светските медиуми кои ја објавија сторијата за е-печалбарите од Велес:

International Business Times: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

ABC.au: The surge of pro-Trump fake news is coming from Macedonia

Complete world news: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

New York Magazine: Can Facebook Solve Its Macedonian Fake-News Problem?

El Confidencial: El pueblo de Macedonia que apoya a Donald Trump con noticias falsas ‘online’

Uk news yahoo: Trump supporters duped by fake news generated in Macedonia

Buzzfeed: How Teens In The Balkans Are Duping Trump Supporters With Fake News

Global Voices: Trump Propagandists From Macedonia Shy Away From His Victory

Heise: Fake-Sites zur US-Wahl: Mazedonier verbreiten angeblich Trump-Propaganda

Rue89 nouvelobs: En Macédoine, Trump est une machine à cash pour des sites d’info crapuleux

Disqus: Pro Trump media and supporters made fools by entrepreneurial teens in Macedonia

Gazetaexpress: Të rinjtë maqedonas me ueb-faqet propaganduese për Trump nuk besojnë se kanë ndikuar në zgjedhje

Chizmetv: Mira como Facebook ayudo a la victoria de Donald Trump

AM: Jóvenes macedonios ‘hacen su agosto’ con engaños sobre Trump

Miscareaderezistenta: Mii de dolari zilnic pe Internet, produse de site-uri pro-Trump apărute precum ciupercile într-un oraș din Macedonia!

meta.mk