ЕБОР, ЕУ и Австрија во поддршка на енергетската ефикасност во Северна Македонија

Сподели

 

Дополнителни ЕУР 1 милион за домаќинствата за инвестиции во енергетска ефикасност во соработка со Комерцијална банка Скопје

  • €1 милион кредит од ЕБОР за Комерцијална банка Скопје
  • Кредит од Програмата за финансирање на  зелена економија – GEFF
  • Финансирање на енергетска ефикасност во станбениот сектор

 

 Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги поддржува еколошките инвестиции во Северна Македонија со доделување на кредит во износ од ЕУР 1 милион за Комерцијална банка Скопје преку Програмата на ЕБОР за финансирање на  зелена економија – GEFF .

Средствата ќе бидат достапни за физички лица за инвестиции во мерки за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, топлотни пумпи, соларни панели и други решенија. По успешна имплементација на мерките, корисниците ќе имаат право на грант во износ дo 20 отсто од вредноста на кредитот. Средствата за грантовите се обезбедени од  Европската Унија (ЕУ).

Анди Аранитаси, Претставник за Северна Македонија, ЕБОР изјави: ,,Ни претставува задоволство што го градиме успешното партнерство со Комерцијална банка Скопје и што ја зголемуваме нашата поддршка на инвестиции во енергетска ефикасност во земјата. Инвестициите во енергетска ефикасност имаат повеќекратни бенефити. Тие придонесуваат во намалување на сметките за електрична енергија на граѓаните, но и во намалување на производството и потрошувачката на електрична енергија во земјата, и конечно до намалување на емисиите на јаглероден диоксид.”

Заклучно со февруари 2022 година, Програмата за поддршка на инвестиции во зелена енергија GEFF, во Северна Македонија е искористена од скоро 2,700 домаќинства во износ од скоро ЕУР 20 милиони. Најчесто финансирани технологии се прозорците и вратите, изолацијата и топлотните пумпи.

Комерцијална банка Скопје, се приклучи на оваа програма во 2020 година и веќе има поддржано инвестиции на приватни позајмувачи во енергетска ефикасност во износ од ЕУР 1 милион.

Комерцијална банка Скопје изјави ,,Кредитите понудени од кредитната линија GEFF се одлично прифатени од нашите клиенти во малопродажба, и во краток период, бележиме значајна побарувачка за овој атрактивен еколошки производ. Ова е дополнителен доказ дека овој вид на поддршка на домаќинствата во имплементирање на зелените технологии е неопходен и важен.”

Кредитната линија GEFF за Западен Балкан, поддржана од ЕУ Програмата за инвестиција на Западен Балкан  и Австриското федерално министерство за финансии, е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан. Целта на програмата е да го поддржи регионот, познат по високиот интензитет на енергија, во насока на подобрување на енергетската ефикасност во секторот на домување, кој е еден од најголемите потрошувачи на енергија.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија и до денес има инвестирано над ЕУР 2.2 милијарди во 154 проекти во земјата. Поддршката на зелената енергија е приоритет за Банката, бидејќи се справува со еден од најважните предизвици во земјата.