Експертите на ЕУ дале насоки за санирање на штетите од поплавите

Сподели

vtor-donatorski-sostanok-za-poplavite-EU-eksperti

Питер Глерим, лидерот на тимот експерти на Европската Унија кои минатата недела пристигнаа во земјава преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, на денешниот втор координативен донаторски состанок за поплавите, меѓудругото ги презентирал „советите кои се однесуваат на листата за потреби, геохидролошките проблеми и проблемите со канализацијата, како и начините на кои тие ќе се решаваат и ќе се санираат штетите“ од невремето.

Состанокот, како што соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, се одржал во Секретаријатот за европски прашања, а на него покрај Адеми и Глерим, учестувала и шефицата на УНДП во земјава, Луиза Винтон.

„Вицепремиерот Адеми истакна дека целта на овој состанок е да се добие појасна слика за целокупната донаторската поддршка која до овој момент е обезбедена од страна на билатералните партнери, за која првично се разговараше на минатонеделниот состанок. Питер Глерим информираше за улогата и поддршката која ја обезбедува Механизмот за цивилна заштита, координацијата на помошта која веќе е добиена и помошта која дополнително ќе пристигне, а ги презентираше и советите кои се однесуваат на листата за потреби, геохидролошките проблеми и проблемите со канализацијата, како и начините на кои тие ќе се решаваат и ќе се санираат настанатите штети“, стои во соопштението од кабинетот на Адеми.

Вицепремиерот на состанокот им се заблагодарил на сите донатори за нивната поддршка и ги охрабрил „редовно да ја пријавуваат помошта која ја донираат, со цел да се добие посеопфатен преглед на донираната помош“.

meta.mk