Денеска, околу 10.00 часот во с.Романовце-Кумановско, во куќа сопственост на Ш.А. при експлозија на плинска боца настанал пожар, во кој три малолетни лица на возраст од 8, 9 и 11 години починале на местото на настанот, а шест лица се пренесени во Општа болница Куманово каде им се констатирани тешки телсени повреди но, поради сериозноста на повредите истите се префрлени во Комплекс клиники„Мајка Тереза“.
Пожарот е изгаснат од противпожарната единица од Куманово.
Известен е јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово е упатена на местотот на настанот со цел утврдување на причините кои довеле до несреќата – се наведува во денешното соопштение на МВР.
Од Министерството за здравство изјавуваат, дека во текот на денешниот ден во Клиничкиот центар во Скопје примени се седум пациенти со изгореници, повредени од експлозија на плинска боца во Кумановското село Романовце. Четворица од пациентите се во исклучително тешка состојба со голем степен на изгореници и се наоѓаат во животна опасност.
Од четворицата сместени на Клиничкиот центар двајца мажи на 60 годишна возраст се наоѓаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. На одделот за Интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување се примени две жени на возраст од 40 и 45 години. Од тројцата пациенти во „Св. Наум Охридски-Скопје“ една од повредените е жена на 40 – тина години е во Одделот за интензивна нега, а на 20 годишна пациентката која е бремена се вршат дополнителни испитувања. Во Старата Градска болница е примено е и дете кои има мал процент на изгореници.