Младински образовен форум и Радио МОФ ги покануваат младите да се приклучат на првиот ENGAGE Youth за оваа година, кој ќе се одржи на 31 март (петок) 2023 година во дворот на Радио МОФ со почеток во 13:00 часот.
На овој настан, млади активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, родова еднаквост, активизам и култура во нивните локални заедници. Со 4 говорници ENGAGE Youth ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за млади, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството. Покрај делот со говорниците настанот ќе понуди и музичка програма.
Говорници на настанот ќе бидат:
Андреј Медиќ Лазаревски, Култура Бета | Тема: „Имаат ли младите потреба од независна култура?“
Сара Ферро, Македокс | Тема: „Докуникулци – школа за документарен филм за млади: интересот за филм пушта корени кај младите“
Леа Манева, Арт Хаус Карев | Тема: „Самоиницијативно здружување на средношколци за повеќе култура во формално образование“
Сара Миленковска, Сподели авторка | Тема: „Достапноста на феминистичката литература и женското творешство“
Инаку, веќе за на 15-ти мај е закажан и вториот Engage Youth во Маврово и Ростуше каде исто така говорници ќе споделат искуства и знаења на повеќе теми поврзани со младите.
ENGAGE е настан за социјален активизам, кој Младински образовен форум и Радио МОФ за прв пат ја организираат во февруари 2012 година и е место каде домашни и странски активисти, новинари, креатори на граѓански и онлајн иницијативи, уметници и политичари споделуваат знаења и искуства на актуелни теми. Во изминатите години ENGAGE успеа да обезбеди најголем собир за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан кој продолжува да се организира секоја година и привлекува активисти со дискусија, иновација и зајакнување.
Главниот ENGAGE настан е закажан за на 10-ти јуни, за кој дополнително ќе бидат соопштени информации.
Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy, а организиран од Младински образовен форум и Радио МОФ.