Европскииот парламент синоќа усвои резолуција во која се бара премиерот на Малта, Џозеф Мускат да поднесе оставка поради опасноста да ја загрози истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруане Галација.
„За“ резолуцијата гласаа 581 европратеник, 26 се изјаснија „против“, а 83 беа „воздржани“. Европратениците се загрижени поради веродостојноста на истагата за убиството на новинарката Каруане Галиција, зашто сметаат дека сѐ додека Мускат е на функција постои ризик од загрозување на истрагата.
Резолуцијата на ЕП упатува на обвиненија за корупција и перење пари против премиерот на Малта, како и против неговиот шеф на кабинет и поранешниот министер за туризам, другите членови на Владата, како и приватни фирми и поединци поврзани со него.
ЕП исто така бара да се укине Програмата на Малта за доделување на државјанства и право на престој на инвеститорите, бидејќи тоа подразбира продажба на граѓанството на Европска Унија и е опасен ризик за борбата против перењето пари и прекуграничниот криминал.
Европратениците во резолуцијата го поздравија востанувањето на годишната награда „Европска награда за истражувачко новинарство – Дафне Каруана Галиција“. По убиената новинарка претходно е наречена сала во ЕП во Стразбур, во која се одржуваат прес-конференции.
Мускат на почетокот од месецот по притисок на јавноста и протестите најави дека ќе поднесе оставка од функцијата на 12 јануари, откако владејачката Лабуристичка партија идниот месец избере нов лидер.
Каруана Галиција истражуваше случај на корупција, во кој беа вмешани и соработници на премиерот. Таа на својот блог ги обвцинуваше политичарите на Малта за корупција. Новинарката беше убиена во октомври 2017 година кога под нејзиниот автомобил беше поставен експлозив.