Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во пресрет на денешниот состанок со претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека во текот на денешните активности ќе биде разговарано за низа чекори со цел да се унапреди соработката меѓу двете земји во областите економија, трговија, одбрамбена индустрија и во воената соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган исто така рече дека ќе бидат разгледани регионалните прашања во врска со кризните подрачја во регионот.
Турскиот претседател во изјава пред состанокот потсети и дека со нормализацијата на односите на двете земји се интензивирани активностите во врска со проектот на гасоводот „Турски тек“, како и во врска со изградбата на турската нуклеарна централа „Акују“.
Рускиот претседател Путин напомена дека двајцата претседатели работат на враќањето на односите на двете земји на ниво кое го заслужуваат.
Путин изрази задоволство од забрзаното темпо на подобрувањето на заемните односи, и притоа потсети дека последен пат остварил средба со претседателот Ердоган во рамките на Советот за соработка на високо ниво (УДИК), во 2014 година.
„Во овој временски период се случија многу работи. Интензивно работиме на тоа односите Турција – Русија да го достигнат нивото кое им прилега“, рече Путин.
„Во последно време, продолжуваме активно да работиме на решавање на кризите што го зафатија светот, вклучувајќи ја и Сирија. Русија и Турција формираа добри и влијателни односи на ниво на воените и разузнавачките институции. Односите забрзано се поправаат. Москва е многу задоволна од ваквиот исход. Работиме активно, за нашите односи да се издигнат на ниво кое го заслужуваат. Никој не очекуваше дека ќе се оформи ваква блиска соработка меѓу воените и разузнавачките служби на Турција и Русија“, рече Путин.
– Трговско-економски односи
Путин посочи дека трговско-економските односи меѓу Турција и Русија се реорганизирани. „Рускиот премиер Димитриј Медведев вчера го информирал турскиот премиер Бинали Јилдирим во врска со оваа тема. Тие разговараа за чекорите што се преземаат за повторно нормализирање на билатералните трговски односи“.
Путин додаде дека продолжуваат и подготовките за инвестициската соработка и за реализација на големите проекти.
По оваа изјава, двајцата претседатели преминаа на визави средба.
Состанокот се одржува во палатата Кремљ и беше затворен за медиумите. Претседателот на Турција, Ердоган, на аеродромот во Москва беше пречекан со највисоки државни почести од страна на рускиот заменик-министер за надворешни работи, Алексеј Мешков.
Во Москва денес ќе биде одржана седница на Советот на турско-руската соработка, која минатата година не беше одржана поради кризата во билатералните односи што ја предизвика случајот со рушењето на рускиот авион во ноември 2015 година, во јужна Турција.