Ердоган утрово објави дека обидот за воен удар е готов и дека владата ја има контролата

Сподели

Ниту една сила не е над народот и одговорните за бунтот ќе го добијат неопходниот одговор, независно од тоа на која институција и припаѓаат, изјави рано изутринава турскиот претседател Реџеп Тајип Еродган во обраќање до нацијата од истанбулскиот аеродром „Ататурк“.

– Лицата одговорни за обидот за воен преврат ќе бидат најсурово казнети, порача Ердоган.

Тој нагласи дека обидот за воен удар бил насочен против единството и сполтеноста на нацијата, но бил спречен.

Ердоган во обраќањето повторно го обвини муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој се наоѓа во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, дека стои зад обидот за воен удар во Турција.

Според него, во тек е апсење на многу офицери и на високи воен претставници.

– Јас ќе останам со својот народ и нема да одам никаде, изјави Ердоган кој околу три часот со авион слета на истанбулскиот аеродром, каде беше пречекан од стотици негови приврзаници.

636042060341490089-EPA-TURKEY-COUP-ATTEMPT

Телевизијата Си-Ен-Ен Турк објави дека обидот за воен удар во Турција го извеле воен обвинител и 46 високи офицери на турската Армија. Според телевизијата, во Истанбул се идентификувани вкупно 104 учесници во воениот удар.

Според Гардијан, бројот на уапсени припадници на војската по обид за државен удар изнесува 1.563 лица.

Најмалку 60 лица се убиени, дел од од нив цивили.

Шеснаесет лица кои се вклучени во обидот за државен удар беа убиени во судирите на воената полиција команда, а други 250 уапсени.

Исто така, 13 војници, кои се обиделе да влезат во претседателската палата во Анкара се уапсени.

Во вкупно 1.563 припадници на вооружените сили беа уапсени, меѓу кои и 29 полковници и пет генерали.

Кризата во Турција започна синоќа кога група армиски офицери објавија дека ја презеле власта во земјата со цел „да се зачува демократскиот поредок и почитувањето на човековите права“.

Во нивното соопштение испратрено по електронска пошта до медиумите се наведуваше дека власта во земјата ја презел „Мировен совет“, чиј приоритет ќе биде почитување на владеењето на правото, демократијата, сеуларноста и задржување на сите надворешни односи на Турција.