Полициската агенција на Европската Унија (Европол) објави дека помогнала во разбивањето на мрежата која десет години криумчарела мигранти во Европа и им обезбедувала лажни документи за идентификација, јавува Anadolu Agency (AA).
Европол во денешното соопштение наведува дека седум членови на банди, меѓу кои и лице осомничено дека бил водач на мрежата, се уапсени во Шпанија и еден во Грција. Апсењата се случиле во текот на низата координирани рации извршени кон крајот на март.
Се додава дека мрежата имала сопствена фабрика за фалсификување документи во Грција, земја која со години е главна влезна точка за мигрантите од Африка и од Блискиот Исток, кои се обидуваат да дојдат во Европа.
Во текот на рациите во Шпанија, Грција и во Белгија запленети се: банкноти во вредност од околу 100.000 евра, документи, уреди за чување на податоци и мобилни телефони.