Улогата на „даночните раеви“ и одржувањето на финансиски криминал ќе бидат разгледувани во наредните 10 месеци, во истрага која ќе ја спроведува Европскиот парламент.
На првата сесија од истрагата во Брисел, панелот од 65 членови слушал сведоштва од новинарите од медиумите и организациите кои ја објавија сторијата во април.
Претставници од голем број партии повикаа да се отвори истрага која ќе се фокусира на улогата на оф-шор компаниите од повеќе европски земји. Во скандалот беа вклучени голем број британски компании, а поврзан е и Дејвид Камерон. Други познати личности кои се споменуваат во Документите од Панама се и Леонел Меси и Ема Вотсон.
Речиси половина од 214000 компании, трустови и фондации чии документи беа вклучени во протекувањето на документи од адвокатското биро Мосак Фонсека, се регистирани во Британските Девствени Острови.
Опишано од Едвард Сноуден како „најголемото протекување во историјата на новинарството“, истражувањето спроведено од 107 медиуми во 76 држави, откри како офшор компаниите се користат за даночна евазија, фондови за илегално добиени пари, подмитување на политичари и финансиски измами, сето тоа со избегнувње на санкции.
Човекот кој ги предаде документите од Мосак Фонсека на новинарите одлучи да остане анонимен, користејќи го псевдонимот Џон До. Новинарот кој прв стапил во контакт со него, истражувачки репортер од германскиот весник Зидојче Цајтунг, Бастиан Обермаер, се обрати до Европскиот парламент.
„Имаме надеж дека Европскиот парламент ќе го расветли овој случај и ќе стави крај на паралелниот свет во кој екстремно богатите и моќните можат да избегнуваат плаќање на данок, и да го игнорираат секој закон кој не им одговара“,изјави Обермаер. „Правилата на кои сите сме се согласиле треба да важат за секого, и на супербогатиот еден процент од населението, како и за останатите 99 проценти, инаку демократијата е во ризик“.
Во текот на наредните неколку месеци, панелот ќе истражува дали владите на земјите-членки и Европската комисија не успеале правилно да ги имплементираат европските правила за даночна евазија и финансиска транспарентност.