Македонија имала четврт век монетарна стабилност, пропагандно, без аргументи се пофали власта на јубилеот од самостојноста на македонската држава. Тоа е стилот, ДПМНЕ работи, не дискустира и нема што да објаснува. Треба само да им се „верува“ на нивната вистина, затоа што нели „многу“ работат. Толку работат што стабилноста ни ја забетонираа, прекардашија со задолжувањето, а растот е понизок отколку кога не се задолжувавме во таков обем. Во претстојната изборна кампања ќе мора да се разбие овој загадочен „успех“ на актуелната власт, затоа што навистина не е во ред и натаму да се уверва народот дека среќата ја прави стабилноста, каде растот и развојот воопшто и да го нема.
Точно е дека дваесеттина години во земјата се одржуваат релативно стабилни цени и фиксен девизен курс на националната валута. Но, тоа не е неостварливо „чудо“. Доволна е само решеност да се одржува монетарната стабилност по било која цена, а другото е само техника на централната банка со познати мерки и инструменти да ја остварува. А тоа воопшто не е проблем ако нема грижа за тоа како монетарната стабилност влијае врз остварувањето на макроекономските цели- побрз развој, пораст на личниот и општествениот стандард на вработените и населението, намалување на невработеноста, урамнотежување на економските односи со странство.
Од аспект на монетарната власт, одржувањето на стабилноста на цените и на курсот на денарот е добро остварена задача. Но, таа не е цел сама за себе. За макроекономијата тие се само средство, во пазарни услови на стопанисување, да се изнуди поинтензивно и поефикасно вклучување на националното стопанство во меѓународната поделба на трудот, како услов за одржлив економски и општествен развој на земјата. Тоа значи, стопанските субјекти, вклучувајќи ја и државата, се ставаат во позиција, својата материјално финансиска ситуација да можат да ја подобруваат само преку зголемување на продуктивноста на трудот и економичноста во работењето, а не преку зголемување на цените и преценување на курсот.
За жал, таквата синергија меѓу монетарната и макроекономската политика изостана. Очекуваните промени и резултати во економскиот развој на земјата не се случија. Наместо побрз економски развој, земјата западна во замката на ниски стапки на раст. Платите и пензиите се меѓу најниските во окружувањето. Населението е меѓу најсиромашните, а стапката на невработеност е меѓу највисоките во Европа. Интензитетот на задолжувањето на државата води кон должничка криза и натамошно влошување на развојните перспективи.
Чија е одговорноста ? Нема алиби ниту за Народната банка, ниту за власта. Воопшто не е за оправдување Централната банка да истрајува врз стратегијата на таргетирање на курсот, дури и откако стана очигледно дека партнерот (владата) во макроекономската политика на стабилизација не ги остварува своите задачи. Впрочем, повеќе од очигледно е дека, нејзината доследност во одржувањето на ценовната стабилност е контрапродуктивна. На пример, за одржување на фиксниот курс спрема еврото Централната банка преземаше мерки со кои одржуваше високи каматни стапки на пазарот на капитал, а тоа неповолно се одразуваше врз инвестиционите зафати на бизнисмените за модернизација и проширување на капацитетите. Неспорно, тоа доведе до намалување на стопанската активност во земјата, односно запаѓање во замката на ниски стапки на раст. Одговорноста е уште поголема ако се знае дека Централната банка, како независна институција, нема обврска да води политика на фиксен курс. Во овој контекст, очигледно е дека примарната вина за деформирање на политиката на монетарна стабилност во рамките на макроекономската политика на стабилизација паѓа на владата.
Со свои активности и мерки власта ги дерогира пазарните односи во земјата и ги оневозможи пазарните сили да изнудат промени во однесувањето на стопанските субјекти во насока на попродуктивно и поекономично работење. Таа не изгради конзистентна развојна политика во која секој субјект ќе бара свое место на пазарот. Не обезбеди и се’уште нема обезбедено услови во кои ефикасно ќе се санкционираат сите кои благовремено не ги исполнуваат обврските спрема партнерите. Ништо не направи да обезбеди ефикасно санкционирање на незаконитостите во работењето и да ја спречи исплатливоста на криминалот. За жал, рекетирањето на бизнисмените стана метод на полнење на партиските каси на владејачките партии. Со свои волунтаристички мерки ги нарушува ценовните односи во одделни сектори и меѓу нив и го дестимулира преземањето инвестициони ризици. Креира нерамноправни услови за стопанисување меѓу странските и домашните бизнисмени. Со практиката на субвенционирање на платите во странските капацитети го зацврсти трендот на стагнација па и намалување на просечните плати. Со порастот на буџетите владата стана најголем бизнисмен и работодавач во земјата…
Во меѓувреме домашните бизнисмени се „удавија“. Демотивирани, ним не им остана ништо друго туку да се борат само за преживување, а во таква ситуација изостануваат ефектите од политиката на економска стабилизација во која клучна претпоставка е одржувањето на ценовната стабилност.
Текстот во целост прочитајте го тука
Д-р Крсте Шајноски