Притиснат до ѕид од фактите за раскалашеното трошење на парите на граѓаните и од покренатите обвиненија за разни незаконитости, Груевски не знае накаде да фати. Дали во кампањата и на митинзите да продолжи да игра на националистичка карта или да го интензивира промовирањето на лажните економски остварувања, зад кои се кријат високи долгови, руинирани економски односи и исцрпени компании. Пливајќи дезориентиран низ пропагандната баруштина Груевски е под неиздржлив притисок дека е се’ поизвесно оти не може да го дофати појасот за спасување. Тоа е така затоа што и нему му станува јасно дека и со изборите и без нив тој ќе мора да се соочи со правдата.
Во период кога постепено, но постојано расте рејтингот на опозиционите сили, Груевски се’ поинтензивно очигледните лаги ги промовира како непобитни вистини. Во недостиг на реални економски резултати со кои ќе го привлече вниманието на гласачите (стапката на раст на БДП е ниска, се забавува растот на индустриското производство, платите и пензиите се најниски во Европа, … ) тој посегна да манипулира и со лесно проверливи факти, само за да покаже успешност на власта во економијата и да се препорача за нов мандат. Тоа само покажува, дека на некој многу му гори под нозете.
На еден од последните митинзи лидерот триумфално се пофали дека „извозот во минатата година пораснал над 4 милијарди евра, а во минатото толку биле заедно и извозот и увозот“. Во оваа реченица е точно само дека лани извозот изнесувал 4 милијарди евра. Се друго е лага. За да со лагата полесно манипулира, ледерот и не кажува со кое минато ја споредува големината на извозот, туку очекува гласачите да претпостават дека тоа се однесува на времето на владеење на СДСМ. А тоа не е точно.
Имено, во 2006 година, кога ДПМНЕ ја презеде власта од СДСМ, вкупната размена со странство изнесуваше 4,9 милијарди евра, значи 22,5% повеќе од извозот во минатата година. А да не зборуваме дека извозот, изразен во долари, минатата година беше на ниво од извозот во 2011 година. Да не потенцирам, притоа, дека за износот на порастот на извозот од ТИРЗ-овите намален е извозот од домашните фирми. И сега, може ли лидерот да каже што „слави“? Лагата, колабираниот раст или утепаниот извоз?
Така, ни се наметна да се радувавме на пораст на девизните резерви, но се премолчува дека таквиот резултат е пред се’ поради кредитното задолжување спрема странство. Значи, податокот е точен, но е само полувистина, во контекст на значењето на девизните резерви за економијата. Порастот на девизните резерви е здрав само ако е резултат на суфицит во размената со странство, а земјата такво нешто не остварила. Затоа „славењето“ на порастот на девизните резерви преку задолжување е чиста манипулација. Да не споменуваме и други полувистини со стапките на економски раст, порастот на индустриското производсство, намалувањето на невработеноста, извозот од ТИРЗ-овите, платите и пензиите и тн.
Всушност, Груевски веќе нема со што објективно да се истопори пред граѓаните и опозициските сили за да ги оправда промашувањата од децениското владеење.
Текстот во целост прочитајте го тука
Д-р Крсте Шајноски