Во календарот за имунизација на населението во 2017 година исфрлена е една ревакцина ДТП (дифтерија, тетанус, пертусис) која децата досега ја примаа на 4 години, па сега ќе ја примаат само со наполнети 7 години.
Децата од претшколска возраст ќе примаат една вакцина помалку. Во календарот за имунизација на населението во 2017 година исфрлена е една ревакцина ДТП (дифтерија, тетанус, пертусис) која децата досега ја примаа на 4 години. Дел од матичните педијатри велат дека Министерството за здравство досега официјално не ги информирало за промената, ниту пак таа информација беше објавена во јавноста. Ниту Факултети.мк и по еднонеделно инсистирање не успеа да добие објаснување од ресорното министерство зошто е укината конкретната ревакцина.
Со промената во календарот, децата кои се вакцинираат по стариот систем (со едновалентни и тровалентни вакцини) и кои ревакцината ДТП досега ја примаа со наполнети 4 години, сега истата ќе ја примаат само на 7 години. Според вработените во центрите за јавно здравје, каде што се вакцинираат децата, одлуката за укинување на ревакцината официјално почна да важи од 1 декември 2016 година. Но, тие и претходно ги враќаа родителите кои донеле деца на ревакцина со образложение дека нема потреба да ја примаат. Зошто е укината, немаат одговор. Сепак, во некои од центрите за јавно здравје изминативе месеци ги вакцинираа четиригодишните деца со ДТП.
Родителите кои ги носат децата да ја примат ревакцината ДТП се збунети и не знаат што се случува.
– Пред околу еден месец ја однесов четиригодишната ќерка на ревакцина ДТП и ја прими. По неколку дена разбрав дека нејзината другарка од градинка, со која што се разлика два месеца, ја вратиле со образложение дека нема да ја прими ревакцината зашто е укината. Ниту мојот матичен лекар, ниту во поликлиниката не знаеја да ми објаснат зошто едни деца се вакцинираат, други не. И дали кога ќе ги ревакцинираат во школо моето дете треба да ја прими тогаш вакцината или не. Матичниот лекар ми кажа дека нема добиено никакво официјално известување од Министерството за здравство оти таа вакцина е укината. Добро би било надлежните да излезат со официјално соопштение за да не настане поголем хаос – вели мајка на четиригодишно девојче од Скопје.
Некои од матичните педијатри дознале за укинувањето на вакцината од колегите, а неофицијалното образложение кое го добиле од институциите било дека такви се најновите препораки на Светската здравствена организација според кои ревакцината ДТП се препорачува да се прима на поголема возраст и дека ревакцинирање со наполнети 4 години е рано.
Промената е внесена во програмата за задолжителна имунизација на населението за 2017 година, која што е објавена во Службен весник во октомври 2016 година. Во информацијата за вакцинирањето објавена во Службен весник, пишува дека во текот на 2015 година, опфатот на примарната вакцинација и ревакцинација генерално бележи пад во однос на претходните години. Односно, дека се намалува бројот на вакцинирани деца, кој се спушта под 95%.