Фашистички танц на смртта – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Може да се рече: во еден, не така одамна далечен, момент од својата историја, Европа беше фашистичка од Португалија до Полска и од Норвешка до Бугарија.

Александар Литовски

Луѓето за период беа опиени од крвната припадност, радикалниот национализам, бесниот милитаризам, ревизијата на границите со желба за големи држави, животинскиот антиболшевизам и омразата кон другите. Се разбира, дваесеттиот век беше, исто така, век на стотици илјади храбри, моќни, целосно збунувачки непоколебливи антифашистички воини и време на антифашистички борби не само низ улиците на европските градови, туку и по планинските беспаќа. Тоа беше време на себежртвување на многу мажи и жени против фашистичкото зло. Но, погрешно е да се мисли дека фашизмот како идеологија дефинитивно беше поразен во Втората светска војна. Во прашање е и начин на политичко дејствување, и систем на вредности, верувања и размислувања, па, оттаму, тој претставува закана и по сто години откако беше именуван.

Нацистичките провокации од Третиот Рајх, политички секогаш беа насочувани според однапред утврден план, со цел да се оправда некоја акција, или некоја владина мерка пред германскиот народ и светската јавност. Со цел да се произведе потребниот психолошки удар, провокациите беа исценирани како спектакуларен и сензационален настан. На овој начин, тие требаше да ја илустрираат наводната подлост и злосторство на непријателот и да го оправдаат драстичниот одговор. Според принципот формулиран од самиот Гебелс, овие спектакуларни потфати беа одличен фактор во т.н. „ментална војна“ водена не само со зборови, туку и со видливи примери, односно со „пропаганда на дело“ (Propaganda der Tat), чија цел е да го заведе народот од сите етички размислувања и да дозволи излив на пеколен бес против непријателите. Ова, секако асоцира на денешнава воена пропаганда, зарем не?

Политичката карта на Европа денес е идентична со онаа што ја црташе Хитлер. Оттука произлегуваат и идните гостратегиските интенции. И, да нема забуни, оттука произлегуваше она што се случуваше последните осумдесет години во европската и, таканаречената, западна историја и што ќе му се случува на светот во наредните години. Станува очигледно дека Европа не ги разрешила сите прашања произлезени од Втората светска војна. А, не ги научила ниту основните лекции, очигледно. Се чини дека со мало временско одложување – Германија и Хитлер победиле. Нацистичките идеи за европскиот простор, пред наши очи се материјализираат. Бесниот фашистички антикомунизам и милитаризмот како алатка за постигнување на политичките цели се нормализирани. Одобрени у прифатени. Границите сега се онаму каде што беа за време на Втората светска војна. Десницата во Европа насекаде победува. Дури и „левицата“ е „десница“. Геостратегијата „продор на исток“ (Drang nach Osten) за да се создаде „Европа без граници од Атлантикот до Урал“ беше нацистичка идеја и стратегија. Всушност, Гебелс многу често непрестано зборувал дека Европа ќе биде без граници, а како што гледаме, тоа сè повеќе се материјализира како стварност.

Така, сè укажува дека е обична лажна фасада, кулиса пред јавноста, оти Европа цивилизирано се занимава со прашањето за сопственото заедништво. Една од потврдите на оваа теза се европските непринципиелни политики кон Македонија и поддршката на бугарскиот националшовинизам и експанзионизам од Брисел и Берлин. Различните наводни помирувања со чии слики нè преплавува европоцентричната пропаганда во последниве години, како доказ дека го погребала своето злосторничкото минато, се само тенок целофан преку стварноста, под кој се забележува дека фашистичките скелети повторно го танцуваат стариот антикомунистички, ревизионистички и антихуманистички танц на смртта.

Границата меѓу пропагандата и историјата е целосно избришана. Денес во Европа сè е пропаганда! Не случајно се осмислени и пред наши очи се реализираат низа европски стратегии за општа демонизација на сè што е ослободително, еманципативно, патриотско, социјалистичко и антиимперијалистичко. Во рамки на тие стратегии, со децении наназад се ревидира и се поништува историската меморија за пожртвуваноста на работничкото, социјалистичкото и комунистичкото движење во борбата против фашизмот, а на антифашистичките слободољупци, инквизиторски им се суди и пресудува. Овие антицивилизациски процеси „во живо“ ги следиме и кај нас во Македонија. А, со помош на македонските медиуми, последниве години, скоро секојдневно, ги слушаме и антимакедонските и фашизоидни песни од соседна Бугарија. Целиот овој, неолиберален идеолошки дискурс и политичка прагма, неодвоиво одат заедно со повампирувањето на политичката сцена на сите наци-фашистички и колаборационистички фактори од периодот пред и за време на Втората светска војна. Затоа, потребно е да се создаде свест за идејата за ослободување од софистицираното ропство на фашизоидната плутократија и да се отвори идеолошки антифашистички хоризонт за незадоволните и понижени општествени слоеви.