ФАШИЗОИДЕН НАЦИОНАЛИЗАМ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Фашизоидниот деструктивен национализам, десеттина години, систематски го вградуваа во системот на мислење, однесување и живеење. Количеството на националистичка патетика се зголемуваше правопропорционално со зголемувањето на можностите нашите политички криминалци да одговаараат за своите кражби и злодела. Денес, веќе, национализмот почна да се сфаќа и доживува како природна состојба, како нормалност, како судбина. И тоа нè уништува – колективно!

Животот за огромното мнозинство од нашето население е претворен во преживување и бесмислено страдање, само и само, криминалците да можат да трупаат сè поголеми и поголеми богатства, да уживаат во луксуз и да не одговараат за разбојништвата и неморалот. Големото мнозинство наши полуписмени сограѓани, се помирило со судбината и остава за нивните животи да мислат или портокаловите идеолози, или богато платените уметници и владините интелектуални слуги, или пропагандистите кои катадневно се појавуваат на екраните од провладините телевизии, или оние кои ѕиркаат од владините весници и списанија, или моќните безобразни директори и безобѕирните портокалови буржуи. Проблемот е што оние кои, во основа се чесни и доблесни, не мислат да се борат за себе, за својот живот, ниту пак за подобар живот на своите потомци, туку веруваат во лагите и измамите на моќните криминалци од власта. Дури веруваат повеќе отколку што им веруваат на сопствените очи и на сопствените чувства. Веруваат, глупаво веруваат, дека животот и среќата се политичко-партиски панаѓур и медиумско-карневалска забава.

Ваквата парадоксална верба, станува јасна ако се сфати дека фашизоидниот национализам е претворен во колективна болест кај дел од македонските луѓе. Во болест проследена со нервозни и параноични напади, во болест со сите елементи на гнила константна психопатолошка болежливост, која Фројд ја викаше – траума. Кај овие портокалови луѓе, необично брзата и неочекувана промена на сликите и настаните, необично брзите и ненадејни промени во ставовите на Партијата и Пастирот, раѓа вознемирена нервоза полна со болна ништожност, раѓа фрустрации заради социјална прегазеност, или, пак, произведува претерана возбуденост од националистичките инсигнии, пропратена со зголемување на себеси, на своите сопствени субјективи умствени функции, на сопствената физичка сила, но произведува и една малоумна и безвредна националистичка мегаломанија која сите нè турка во пропаст.

Газено секојдневно со многубројни несреќни доживувања и понижувања, тоа фашизоидно „Јас“, се свиткало во клопче на сопствената мономанија, па го проголтува сето друго што не е болежливо, нагризено и хистерично. Прејадувајќи се, со видлива дисфункција на мозокот, тоа претерано зголемено фашизоидно „Јас“ се сомнева во сè околу себе, во сè што е различно гледа заговор, насекаде бара непријатели, се грчи од секојдневен страв за сопствениот опстанок. Всушност, овие фашизоидни националисти ја загубиле целта на своето субјективно постоење, па не веруваат во „нормален“ живот, токму така како што не веруваат ниту во постоењето на објективна вистина надвор од пропагадните соопштенија на Пастирот и неговите корумпирани апостоли и апологети. Голем дел од нашиве луѓе се загубиле во лавиринтите на фашизоидно-националистичката пропаганда и политика. Се загубиле во камењата, тулите и лажниот мермер од зградите на „Скопје 2014“, во непрегледниот број на историографски жици оптегнати да направат националшовинистичкиот спој меѓу античкото и врховистичкото минатото и сегашноста, во илјадниците измислени и бесмислени статистички податоци за „невидениот напредок“ на „портокалова Македонија“. Човекот, ако заразениот и болен субјект со фашизоиден национализам уште може да се нарече со тоа име, во координатите на Криминално-злосторничкото политичко здружение со историско-врховистички карактеристики, подлежи на законите на механиката и го снемува во механизмите за дробење на умот, разумот и достоинството на машинеријата за лаги, манипулации и фалсификување на изборни резултати. Затоа, пред сè и над сè, треба да си го вратиме нашиот Човек!