ФАТАЛНА ГРЕШКА НА ФАТИМЕ? – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Да беше жива Агата Кристи, светски познатата писателка на криминалните заплети и доколку вчера ја следеше јавната седница на ДИК за приговорите по изборните резултати, убеден сум дека ќе добиеше инспирација за пишување на нов крими-роман.

Имено, една простодушна и чесна наша сограѓанка, по име Фатиме С. од гостиварските села, во екот на долгогодишната политичка криза, излегувајќи во пресрет на општопрокламираните начела за спречување на изборни насилства и фалсификати, на што со безбројни спотови инсистираше и самиот ДИК, реши да пријави нерегуларност на нејзиното гласачко место, со тоа што некој претходно во нејзино име гласал за одредена партија. Поради тоа, пред членовите на ДИК и пред целокупната јавност таа беше принудена, под закана од кривични прогони, да докажува со примена на графолошки наоди или полиграфски испитувања, предвидени за најтешки криминалци, дека е невина, дека не лажела и дека единствено што сакала било да го заштити своето демократско право на слободен избор. Се уште не сум сигурен како ќе заврши оваа изборна драмолетка, да не речам трилер, но од сопствено искуство како наравоучение ќе ви препорачам едно: Бидете внимателни и не наседнувајте на моралистичките апели кои што повикуваат на исполнување на вашата граѓанска должност и свест, доколку не сaкате подоцна јавно да бидете черечени за пројавената граѓанска храброст.

Пред десетина години, со автомобил се упатив по улицата “Илинденска”, каде што во близина на бензинската пумпа пред мои очи беше прегазен старец. Возилото што доаѓаше од спротива со голема брзина, без да употреби сопирачки и сирена, удри во несреќниот пешак. Бидејќи во близина немаше други возила и сведоци, моја прва должност беше да проверам дали човекот е суште жив и како да му помогнам. Додека предизвикувачот на несреќата избезумено се фаќаше за глава и се правдаше дека не го забележал движењето на пешакот, со негова помош успеавме да го ставиме старецот на задното седиште во моето возило (сето облеано со крв) и итно да го пренесам во блиската болница. Според законските процедури, болничкиот персонал побара да се легетимирам и да ги внесе податоците на лицето кое го донело тешко повредениот пациент. По два дена, на мое изненадување разбрав дека старецот починал од задобиените повреди.

И веќе подзаборавив на трагичниот настан, кога по неколку месеци добив судска покана да сведочам за сообраќајната несреќа. Сметав дека тоа е нормална законска процедура за да се утврдат околностите како дошло до кобниот настан. Но, во судот од својство на случаен сведок, неочекувано пред одбраната на осомничениот возач, бев ставен во улога на  обвинет: неговите бранители бараа од судот да се провери мојот слух (дали сум слушнал претходно сирени и сопирачки на возилото што ја предизвика несреќата), дали имам добар вид, односно дали сум кратковид, дали претходно сум консумирал алкохол, дали сум со некакви роднински врски со покојникот и слично.

И кога на крајот помислев дека е крајот на мојот сведителски маки, бранителите на обвинетиот возач вперувајќи прст кон мене побараа од судијата да се констатира: главниот сведок (а тоа бев јас,) без да се изврши увид од сообраќајната полиција и да се утврди местото и положбата на прегазеното лице, и без да биде повикана кола на брза помош и лекарска екипа да го процени карактерот на повредите, на своја рака го внело телото во возилото, положувајќи го на задното седиште со што можело да настанат тешки, а можеби и смртни последици.

Дури тогаш сфатив во каква густа каша бев влегол поради желбата да помогнам на повредено лице (што е законска обврска на секој граѓанин) и дека можеби ќе се соочам со кривична оговорност, доколку бранителите решат вината да ја префрлат врз мене. Токму на тие моменти се сетив, додека на тв екраните се вршеше директен пренос од седницата на ДИК, на која што збунетата и преплашена Фатиме Н. немоќно се обидуваше да ги убеди партиски настрвените гонители, дека на гласачкото ливче не се наоѓа нејзиниот потпис. Во исто време, пред зградата каде што се заседаваше, илјадници разбеснети режимски јуришници, збрани од целата земја, ултимативно бараа да се отфрлат сите изборни приговори за да се прогласи победата на нивниот партиски водач.

После она што се случи со нашата сограѓанка, се плашам дека друг пат некој ќе се осмели да пријави изборни фалсификати и нерегуларности и дека ќе го ризикува своето лично достоинство, заради политичката заслепеност и ступидност на органите што треба да се борат против таквите незаконитости!