Oд 1-ви до 6 јуни, како онлајн издание, дванеесетто по ред, ќе се одржува Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа: “Париз – Берлин – Вашингтон 2022”. Фестивалот, традиционално, како и секоја година, ги презентира најдобрите остварувања од регионот, Европа и САД.
Во селекцијата се избрани и македонските филмови „Стела“ од Стојан Вијучиќ и „101 улога, 102 животи Бајруш Мјаку“ во режија на Филип Херин.
Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа, се организира во соработка со универзитетите: Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон.
За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Фредерик Фапани, Ив Русле и Игор Станковиќ. Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.
Наградените филмови од фестивалот ќе бидат презентирани во рамките на проектот Балканофилмофилија во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.
Фестивалот се одржува под покровителството на Министерството за култура на Република Франција.
Претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш, добил официјално писмо од министерката за култура на Црна Гора, м-р Маша Влаовиќ, со ветување дека ја продолжуваат традиционалната поддршка на фестивалот како еден од најважните промотори на културата на земјите од Југоисточна Европа во европските и светските центри.
Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти, кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.
Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Academia Balkanica Europeana, фестивалот ги воведе признанијата Легенди на Југосточна Европа во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ.
Оваа година виското признание му припадна на познатиот словенчки режисер со македонско потекло Карпо Аќимовиќ Година (SEE Film Legend 2022).
Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич, Арта Доброши беа досегашни добитници на признанието Актер на Југоисточна Европа, додека оваа година добитик на ова престижно признание е македонскиот актер Бајруш Мјаку (SEE Actor 2022).
Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика „Гран При Фредерик Росиф 2022“, кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, му припадна на Владимир Перовиќ од Црна Гора.
Наградата Еуропа Прима (Europa Prima 2022), им е доделена на познатиот актер и режисер од Србија Драган Бјелогрлиќ и на модниот креатор Изет Цури, додека наградата SEE Personality 2022 за придонес и поддршка на кутурата му припадна на македонскиот бизнисмен Митко Јанчев.
Веле Митаноски