Фестивал за литература и илустрации за деца „Литера 2023“

Сподели

 

Над 200 илустрации ќе бидат изложени на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“, кој ќе биде отворен вечер (23 мај) во 19 часот во Музејот на град Скопје.

Во рамките на Фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“, ќе се реализираат мастерс-класови, работилници за професионалци и за деца, промоции, читање сликовници и многу други настани.

На 25 мај (четврток) ќе се одржи и конференција на темата „Македонска современа сликовица“.

На „Литера 2023“ гостуваат тројца врвни илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт-Нара. Ним им се придружуваат петтемина академски уметници од нашата земја: Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска, кои беа селектирани за големата изложба. За поддршка на македонската илустрација, Фестивалот ќе им откупи по едно дело.

Од тимот на „Литера 2023“ велат дека овој мал јубилеј на Фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и на литературата за деца.