Фестивал „Скопје Креатива 2019 – Зелено Скопје“

Сподели

Осмото издание на фестивалот за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019“ се реализира под мотото „Зелено Скопје”, кое симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење. Преку фестивалот и неговата програма имавме цел да го ангажираме креативниот потенцијал во насока на создавање подобра релација помеѓу човекот и животната средина. Екологијата за нас претставува динамична категорија на меѓусебно условени еколошки, општествени и културни процеси на секојдневното живеење. Оттаму термините јавен простор, начини на комуникација, зачувување на природата, рационализација на ресурсите, рециклирање… се втемелени во идејата и програмскиот концепт на  „Скопје Креатива 2019“.

Човековата средина и културата се менуваат преку човековата креативност, која е и централна карактеристика на културните и креативните индустрии, а во поново време и на индустриите базирани на содржина или индустрии на авторски права. Човековата креативност овозможува развој на творештво со економска и општествена вредност. Во тој контекст, освен културното и уметничко творештво како творештво со висока естетска вредност и израз на оригиналниот човечки дух, ги земаме предвид и другите облици на творештво, како што се научното и технолошко.

Во релација со Скопје и потенцијалот за негов развој како креативен град, тоа подразбира поттикнување на творечкиот и иновативен капитал на граѓаните со цел создавање творештво кое ќе придонесе во општествениот и економски развој на градот. Една од важните карактеристики што често знае да се занемари во контекст на креативните индустрии е општествената компонента, која не подразбира создавање само на економска вредност, туку и на творештво со поширока општествена вредност кое ќе овозможи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Оттаму, она што ние си го поставивме како цел во рамките на програмата на фестивалот „Скопје Креатива 2019“ е да се поттикне домашната креативност, која преку соработка со домашни и меѓународни партнери ќе се концептуализира, развие и реализира преку разни активности кои ќе придонесат за подобар квалитет на животот во градот за сите граѓани.

Програмата на фестивалот се развиваше преку интердисциплинарен пристап каде што креативниот капитал и знаење од уметничкиот и културен сектор се поврзаа со секторот на новите медиуми, ИТ-индустријата, графичкиот, моден и индустриски дизајн. Притоа програмата опфаќа образовен, продукциски и презентациски формат и содржини од широката сфера на креативните индустрии привлечни за граѓани од различна возраст и различни културни заедници.

Основниот програмски концепт на фестивалот се разви од уредничкиот тим на „Локомотива“, а одредени програмски линии се креираа во соработка со поканети уредници, професионалци од полето на дизајнот, архитектурата, музиката и филмот. Програмата за дизајн се состои од сегментите „Поддршка и промоција на  прототип производи и услуги во сферата на креативните индустрии“, „Брендирање на зелено Скопје“ и „Бјутификација на градот“. Програмата за архитектурата е посветена на „Екологиите на градот“ и трансформација на јавниот простор. Музичката програма ги промовира концептите на рециклирање и „зелено“ преку издавање нова музика и настапи на квалитетни музички автори и диџеи со избор на современа музика и музика од нашето поблиско и подалечно минато. Филмската програма преку „Кино утро“ и „Кино под ѕвездите“ ќе ни прикаже интересен спој на документарни филмови, реклами и патописни репортажи од архивите на „Вардар филм”. Дополнително, „Скопје Креатива 2019“ ќе понуди креативни работилници за деца, театар, „Ремиксувај ја културната стварност“ или изложба на редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела, „Редефинирај ја својата реалност“ или презентации на иновации каде што се спојуваат креативноста и технологијата, интернет-технологијата и активизмот, и „Еко сфера” или поп-ап стор за дизајн, книги и музички изданија од домашни автори и издавачи. Програмата опфаќа соработка со професионалци од различни креативни сектори, вклучувајќи уметници и културни работници, здруженија на граѓани, локални и независни културни институции, формални и неформални групи на граѓани и инцијативи, факултети, професори, студенти, Фондот за поддршка на иновативност, претставници на бизнис-секторот и самостојни претприемачи.

 

Ве очекуваме на „Скопје Креатива 2019“ за заедно да го создадеме патот до „Зелено Скопје“!