Филипче: Бесплатно лекување за сите граѓани од 2019 година

Сподели

Таргетот којшто е поставен пред нас во здравството, од 1. јануари, 2019 година е да го воведеме бесплатното болничко лекување за сите граѓани, што значи дека нема да се плаќа партиципација без разлика на тоа во која болничка установа се лекуваат и на извршената здравствена услуга. Досега имавме капацитет да го направиме за дечињата на примателите на социјалната помош. Македонија добива квалитетно здравство со кое сите ќе се гордееме.

Во однос на најавата за зголемотување на платите на специјалистите од 1. јануари 2019 до 100.000 денари, министер Филипче рече оти тој процес веќе е почнат.

– Јавното здравство за да расте и да се надградува треба да добие дополнителна сума пари. Првиот чекор за зголемување на платите на специјалистите веќе се направи преку зголемување на сумата за дежурства и за ноќен труд меѓу 20 и 40%, платата на лекарите специјалисти се зголеми во зависност од струката и јавната здравствена институција во која работат. Тоа најмногу го почувствуваа лекарите на Клинички центар, нешто помалку во другите болнички установи ширум земјата, рече тој.

Се уште има долгови во здравството и само со домаќинско работење и со дополнително финансирање на буџетот на РМ ќе може да се надминат предизвиците и земјава ќе тргне по патот на градење модерен здравствен систем.

Според него, постоечкиот Клинички центар нема инфраструктурна можност да даде интегрирана здравствена услуга. Во реномирани земји, вели министерот, се даваат здравствени услуги во една зграда со дијагноза и лекување во најбрз рок.

– Ова е една од најзначајните одлуки што ја донесе оваа Влада. Но нема потреба да брзаме со градбата на Клинички центар за да добиеме неквалитетно и нефункционално решение. Според сегашната динамика за година и половина може да почнеме со проектирање, а до пет години и финиширање на градбата со сите стандарди, рече Филипче.

 Во врска со набавката на ретки лекови, вели дека сите граѓански организации и здруженија на пациенти се поканети да учествуваат не само во тендерските постапки, туку и на претходниот процес, а тоа е планирање на количините, оти тие знаат што им е потребно, со што се соочувале досега да бидат дел од целиот процес. 

– Досега имавме големи комисии кои беа нефункционални, сега ќе имаме една комбинирана комисија кој ќе ги разгледува сите барања и ќе носи препораки за лековите на позитивната листа, изјави министерот.

– Треба да се воведе и нова медицинска служба како парамедикс која може да интервенира и во домашни услови. Со таа служба значително ќе ја подобриме патронажата и домашната посета, истакна министерот.

Во врска со селењето на сегашната Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, на локацијата кај Мајчин дом во Аеродром, Филипче рече дека не може да се биде сигурен оти реконструкцијата на Градска болница ќе даде голем квалитет, таа инвестиција нема да продолжи бидејќи локацијата е преоптоварена и нема услови за повеќе, па затоа ќе се префрли на друго место.