Со цел проширување и доопремување на постоечката превентивна програма за контрола на туберкулозата во Република Северна Македонија, како една од најстарите превентивни програми во земјата, ТИКА донираше медицинска опрема. Институт за Белодробни Заболувања и Туберкулоза, Скопје благодарение на Турската Агенција за Координација и Соработка – ТИКА го реализираше проектот Мобилна Клиника.
-Сакам да изразам благодарност до Агенцијата ТИКА, благодарение на многу проекти заеднички со Агенцијата ТИКА направивме сериозни поместувања, зајакнувања на здравствениот систем, многу важни сегменти во болницата ГАК во Чаир, интензивната нега на Педијатриската клиника благодарение на кои проекти нашиот здравствен систем ги достигна европските стандарди на функционирање. Денеска конкретно станува збор за проект со којшто се поддржува работата на Институтот за белодробни заболувања, Институт познат по искуствата на идентификување на многу специфични белодробни заболувања. Во овој момент еден дел од овој Институт е целосно посветен на третман на пациенти заболени од Ковид, благодарение на искуството коешто го има во третирањето на пациенти кои имаат болести на белите дробови. Станува збор за донирана опрема од страна на Агенцијата ТИКА со што се доопремува мобилната амбуланта, а со ова здравствената услуга ја приближуваме кон пациентите посебно во региони кадешто е тоа потешко достапно за граѓаните и нешто што освен во делот на специфичните белодробни заболувања имајќи ги предвид сите овие актуелности во врска со последиците од Ковид и може да значи полесен пристап до идентификување на вакви компликации кај граѓаните коишто прележале Ковид. Дополнителната опрема за Институтот е опрема којашто значи еден поголем квалитет во делот на третманот во заболувањата на белите дробови. – изјави министерот Филипче.
Донираната опрема за болнички услови се состои од монитор, инфузиомат, дефибрилатор, сет за реанимација, апарат за хемостаза и д-димери. Додека делот од опремата наменет за флуоробусот кој припаѓа на Институтот, која ќе биде користена на терен, се состои од ЕКГ, хематолошки бројач, фрижидер за складирање на примероци за микробиолошки испитувања. Медицинската екипа покрај лекарската консултација и преглед, ќе биде опремена за следниве дијагностички процедури: изведба на рентген графија, земање крв за крвна слика и лабораторија, земање на исплувок за микробиолошки испитувања, ЕКГ, тензија и пулс оксиметрија. Мобилната екипа ќе биде составена од одговорен специјалист, вработен во институтот, медицинска сестра, стажант и шофер.
За информираноста на населението за мобилната клиника ќе бидат одговорни општинските авторитети на посетените места. Како резултат на ова ќе се зголеми квалитетот на скринингот и можноста за промоција на здравјето, како и издигнување на свеста во овие тешки времиња, кога се соочуваме со коронавирусната пандемија и сите предизвици и потешкотии наметнати од неа.
-Во овој момент разговараме и за нови проекти, но и еден којшто е во тек а тоа е целосно реновирање на делот на превентивна стоматолошка заштита кај децата во Стоматолошкиот Клинички Центар, верувам дека во следните недели и месеци и сето тоа ќе заврши и ќе можеме заеднички да го одбележиме почетокот на на работа на тој реновиран дел. – најави министерот Филипче.