ФИЛИПЧЕ: МЕРКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СМРТНОСТА НА ДОЕНЧИЊАТА И РОДИЛКИТЕ

Сподели

Краткорочни до три месеци и долгорочни до шест месеци се мерките што се планираат за намалување до минимум на смртноста на новороденчињата и родилките во Македонија. Пакетот мерки се подготвени во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и денеска ги претстави министерот за здравство Венко Филипче кој, рече, силно верува дека ќе ја подобрат целокупната грижа за мајките и нивните бебиња додека се во болница.

Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивна смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање.

Во краткорочните мерки се подготвени упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта.

– Овие компликации се главните причини за смртност кај родилките, а во Република Македонија недостигаат клинички упатства за постапување во вакви животозагрозувачки ситуации, рече Филипче.

Дел од мерките е и изработка на методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата според стандарди на Светската здравствена организација. Со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации,  клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како Клиниката за гинекологија во Скопје која е преоптоварена поради препраќања, така што има по околу шест илјади породувања годишно, наместо предвидените 3500 до 4000.

За родилиштата на секундарно ниво ќе се набави соодветна опрема која недостасува. Во секое време во родилиштата, рече министерот, мора да има достапни животоспасувачки лекови за мајките и новороденчињата, согласно листата на СЗО и УНФПА. – Утврдивме дека дел од ваквите лекови не се регистрирани во Македонија, а и тие што се, не секогаш се достапни во родилиштата, рече Филипче. Постапката за овие лекови е иницирана и треба од утре да стигнат во институциите.

Во првите три месеци, исто така, ќе бидат спроведени обуки на обучувачи за ефикасна грижа на штотуку родените бебиња и ќе бидат воведени мобилни гинеколошко-акушерски услуги за ранливите категории на граѓани. Редовно ќе се спроведува и вакцинацијата, како и  скрининг за рак на грлото на матката.

На подолг рок, односно во следните шест месеци, ќе бидат спроведени обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО.

– Поради недостиг на педијатри во неонатолошките и педијатриски одделенија, во следните шест месеци ќе вработиме доктори кои или се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во овие области. Во следните 12 месеци ќе ги акредитираме најголемите родилишта во земјава, односно ГАК во Скопје, болницата во Чаир, како и трите клинички болници во Тетово, Битола и во Штип. Утврдивме дека во овие пет здравствени установи се случуваат дури 80 проценти од породувањата, иако во Република Македонија има вкупно 26 родилишта, истакна министерот Филипче.

Нагласи и дека важен сегмент е подигнувањето на јавната свест и едукацијата на идните мајки како да ги препознаат и да се справат со ризиците во текот на бременоста.

– Свеста кај дел од жените е на многу ниско ниво. Исто така, за жал, одењето на гинеколог, на редовни прегледи за некои жени и натаму е табу тема, рече министерот за здравство.

Тој нема податоци колку бебиња починале во Македонија во минатата година, а во 2016-та според податоците на Државниот завод за статистика, од илјада живородени починале 11,9 отсто бебиња не постари од една година. Тоа, рече Филипче, е двојно повеќе од европскиот просек кој е 5,2 отсто и кој Министертството за здравство цели да го достигне за најмногу две години.