Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, го посети медицинскиот тим на меѓународниот аеродром-Скопје, кој Министерството за здравство веднаш по издавање на препораките од Светската здравствена организација го распредели на аеродромот.
Со користење на термалната камера успешно се спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од корона вирусот. Меѓу патниците кои пристигнаа од Дубаи не беше идентификуван ниту еден ризичен случај.
Министерството за здравство, во соработка со Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје направи распоред на епидемиолози, кои се постојано присутни на аеродромот и будно ја следат состојбата.
-Веќе четврти ден како се прави овој скрининг. Имаме секојдневна комуникација со Управата за цивилно воздухопловство, којашто има директен линк со авиокомпаниите и ни укажуваат однапред дали на овие летови може да очекуваме патници од Кина. Засега, со овој лет, не се дојдени патници од Кина, кој пристигнува од Дубаи. Точно се знае што ќе се прави со секој сомнителен патник кој ќе стигне на аеродромот. Доколку има пациенти кои имаат одредени симптоми постои јасно одреден алгоритам како се постапува со изолација и со мониторирање. Доколку има патници коишто доаѓаат од Кина и немаат никакви симптоми се упатуваат на домашен мониторинг во период од две недели, колку што трае инкубацијата, потенцираше министерот Филипче.
Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција:
• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање сирова храна, и задолжително да се мијат рацете по секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили, додека се извршуваат работи со животни или со производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или со диви животни.
• Задолжително и често миење на рацете – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце, кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете.