Имунизацијата со руската вакцина „Спутник В“ која во нашата земја треба да пристигне утре, се очекува да започне в среда, рече денеска министерот за здравство д-р Венко Филипче. Тој објасни дека завршени се сите административни процедури за вакцината да биде ставена во употреба.
-Од рускиот производител на вакцини ги добивме сите документи за да се спреми административната процедура во агенцијата за лекови, многу веројатно е дека вакцинацијата ќе започне во среда. Од рускиот прозиводител нашата земја има потпишано договор за купување на 200 000 дози вакцини – рече Филипче.
Исто така завршени се сите административни работи, размена на документите и во постојана комуникација сме околу испораката и на кинеските вакцини од производителот Синофарм, посочи Филипче. Во нашата земја, во месец март според најавите на прозиводителот Фајзер треба да бидат испорачани 21.060 дози вакцини, а исто така треба да пристигнат и вакцини од прозиводителот Астра Зенека, кои се обезбедени преку Ковакс механизмот.