Филипче: Врвен приоритет ни е грижата за здравјето на секоја жена

Сподели

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска учествуваше на панел дискусијата посветена на женско здравје, во рамки на фестивалот за феминистричка култура и акција „Прво па женско“.

-Би сакал да ви се заблагодарам за поканата да учествувам на денешната панел дискусија и да зборувам за женското здравје. Врвен приоритет на Министерството за здравство е грижата за здравјето на секоја жена. Изминатиов период спроведовме низа мерки за унапредување на женското здравје. Во соработка со УНФПА завршивме успешен заеднички проект, со буџет од 5.5 милиони денари, обезбедени со еднакво учество на Министерството за здравство, Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за акредитација. Спроведени беа двонеделни обуки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Клиничка болница во Тетово за ефективна перинатална грижа и брза проценка на родилиштата, согласно со курикулумите и препораките на Светската здравствена организација. Со овие обуки се воведе стандардизиран пристап во сите родилишта, обучен кадар, медикаменти и опрема, рече министерот Филипче.

Тој, меѓудругото посочи дека се надградени 15 акушерски и неонатолошки протоколи за најчестите состојби во перинаталниот период и во тек е дистрибуција на протоколите во 22 родилишта во земјава. Исто така, во изминатиот период се отворени три центри за упатување на жртви од сексуално насилство во Скопје, Куманово и Тетово, со донација од УНДП и УНФПА, како и во соработка со граѓанската организација ХЕРА. Целта на овие центри е примарно да ги заштитиме жртвите од родово насилство, на начин на кој ќе го почитуваме достоинството и интегритетот на жртвите.

– Дел од мерките и активности кои ги спроведуваме за унапредување на женското здравје се и бесплатни прегледи и лабораториски анализи во тек на бременоста, бесплатно породување за бремени жени, кои се надвор од системот на задолжително здравствено осигурување и лица без документ за идентификација, како и фолна киселина за секоја бремена жена. Во месец март, Собранието го изгласа Новиот Закон за прекинување на бременоста, со кој волјата на жената ја ставаме на прво место. Моментално, овој закон чека на потпис кај новиот претседател на нашата држава и се надеваме дека во најбрзо време ќе биде потпишан и донесен. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе, посочи министерот.

Воедно, министерот потсети дека условите на Клиниката за гинекологија и акушерство се доведени на ниво каде новороденечката смртност е намалена за 30%, а токму тоа е резултат на сите активности кои ги презема Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.