Финансискиот извештај од партиите за изборната кампања доставен до ДИК

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ потрошила милион и 191.000 евра или 73 милиони и 251.358 денари во кампањата за парламентарните избори 2016 година, покажува финансискиот извештај од оваа партија што вчера е доставен до Државната изборна комисија.

Според извештајот, за реклама и пропаганда се потрошени 847.686 евра или 52.132.704 денари. За репрезентации потрошени се околу 6.000 евра, за други услуги околу 5.500 евра, за патни трошоци и дневници околу 8.500 евра.

ВМРО-ДПМНЕ пријавила приходи од донации во износ од 10 милиони и 700.136 денари или околу 174.000 евра.

Лидерот на партијата, Никола Груевски, според списокот за донации, донирал 45.000 денари.

Според извештајот, партијата пријавила дека е во минус околу 1 милион и 24 илјади евра.

Во финансискиот извештај на СДСМ, доставен до ДИК, се наведени вкупни расходи од изборната кампања во износ од 231.544 евра или 14.239.935 денари. Партијата пријавила приход од донации во износ од 17.814.055 денари или 289.659 евра.

За реклами и пропаганда СДСМ потрошил 13.646.691 денар или 221.897 евра.

ДУИ пријавила приходи од 4.805.300 денари или 78.134 евра, а расходи во износ од 17.348.455 денари или 280.235 евра. При тоа за реклама и пропаганда се потрошени 250.164 евра.

ДПА пријавила приходи во износ од 333.000 од донации, а расходи во износ од милион и 610.370 денари или 26.185 евра.

Најмалку пари во кампањата потрошила Левица, која од донации собрала 18.500 денари, а потрошила 41.216 денари.