Формирано телото за помирување – ќе го предводат Ременски и Александрова

Сподели

Во Собранието се формираше меѓупартиското парламентарно тело за помирување во кое ќе членуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, како и пратеници кои не се во пратеничка група, а претставник треба да одредат поголемите пратенички групи, оние на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите.

Со телото ќе претседаваат двајца копретседавачи, потпретседателката на Собранието Фросина Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

– На наредната седница ќе се одлучува за методологијата на работа, кои се надлежностите на телото и за темите за кои ќе се разговара. Немаше пречки јас да претседавам со телото, но поради моите обврски како претседател и како пратеник подобро е јас да не го водам телото – изјави Џафери по координацијата.

Прашан за уставните амандмани, Џафери рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може да опструира бидејќи има строго определени процедури во собранискиот деловник.

Веднаш на почетокот средбата ја напушти Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, кој смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не присуствуваше на денешната координацијата, бидејќи партијата не го признава Џафери за претседател на Собранието.