Франција одбројува до претседателските избори

Сподели

Во Франција, каде што до претседателските избори останаа уште шест недели, независниот кандидат Емануел Макрон за првпат е посочен како фаворит во едно истражување на јавното мислење, јавува Anadolu Agency (AA).

Според анкетата на американската компанија за маркетинг истражување „Харис интерактив“ за француската телевизија, поранешниот министер за економија, Макрон, кој со напуштањето на Социјалистичката партија стана независен кандидат, ќе освои 26 отсто од гласовите во првиот круг на претседателските избори што ќе се одржат на 23. април.

Според оваа анкета, по Макрон следи лидерот на Националниот фронт, кандидатка на екстремната десница, Марин Ле Пен, со освоени 25 отсто од гласовите. Ле Пен досега секогаш беше победник во анкетите, а пак Макрон втор, со процентен поен меѓу 20 и 25 отсто.

Во анкетата било поставено прашањето: „За кој кандидат би гласале во случај оваа недела да се одржат изборите?“. Дваесет и шест отсто од учесниците во анкетата го избрале Макрон, а пак 25 отсто ја избрале Ле Пен.

„Харис интерактив“ истакна дека за две недели, процентот на гласовите за Макрон порасна за 6 поени, додека десничарот Франсоа Филон освои 20 отсто од гласовите.

Од друга страна, кандидатот на Социјалистичката партија, Беноа Хамон, освои 13 отсто од гласовите во анкетата.

Според анкетата, во можниот втор круг на изборите, во дуелот меѓу Макрон и Ле Пен, Макрон ќе биде новиот претседател на Франција со 65 отсто освоени гласови. Во дуелот, пак, меѓу Филон и Ле Пен, Ле Пен ќе биде елиминирана со 41 отсто освоени гласови.

Според изборниот систем во Франција, двaта кандидати кои освојуваат најмногу гласови се квалификуваат во вториот круг. Кандидатот кој ќе освои најмногу гласови во вториот круг ќе биде избран за претседател.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат на 23. април и на 7. мај.

Anadolu Agency