„Fridays for Future“ од Скопје упаднаа на конференција за аерозагадување: Бесконечни конференции – нула резултати!

Сподели

 

Ги анализиравме сите мерки од сите министерства кои се поврзани со аерозагадувањето во последната година и нашите анализи кажуваат дека околу 30% од мерките се спроведени. Ова го соопшти на денешната прва Регионална конференција за аерозагадување Ана Чоловиќ Лешовска од организацијата „Еко свест“, како домаќин на конференцијата во Скопје.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, истакна дека актуелната власт за првпат зборува за аерозагадувањето и кога нема аерозагадување и дека за првпат се работи на мерките против загадувањето и кога е лето, а не само кога е загадено.

„До 2017 година ништо не беше сторено против загадувањето“ рече Макрадули.

За време на прес-конференцијата во салата каде што се одржуваше настанот влегоа активисти на „Fridays for Future – Скопје“, движење инспирирано од 16-годишната швеѓанка Грета Тунберг, со маски за дишење и со транспаренти на кои беа пораките: „Бесконечно многу конференции, остварени ургентни мерки против аерозагадувањето – 0“ и „Тие профитираат, ние се труеме“, на кои организаторот им дозволи да бидат присутни.

Зборувајќи за тоа колку се навремени активностите кои се превземаат, заменик министерот со напомена дека од 5 фебруари до 5 март годинава, поради одржувањето на претседателските избори не можело да се направи ништо на подобрувањето на состојбата со загадувањето на воздухот, но дека веќе на 5 мај почнаа сите активности.

Во 40 објекти децата нема да бидат загадени, во 28 објекти ќе има енергетска ефикасност односно, тоа е процес што се случува после 5 мај, рече Макрадули. Во 11 општини ќе бидат посадени плодородни дрвја, на 38 објекти ќе бидат поставени прочистувачи, во Полог е предвидено поставување на филтри на малите компании кои произведуваат мебел во тој крај. Градот ја заврши постапката за субвенција на 1600 инвертори па нивните деца од утре нема да имаат аерозагадување. Истото го направија и општините Битола и Велес. Се се тоа делови од мозаикот за справување со аерозагадувањето, истакна заменик-министерот. Тој потсети дека во иднина,наместо рудникот во Осломеј кој загадува сега ќе имате 10 мегаватна централа на соларни панели и тие заедно со 25 мегаватната соларна централа во Свети Николе.

Макрадули го спомена и Законот за возила кој е донесен, но одредбата за налепниците амандмански беше сменета во парламентот.

„Бидете уверени ако одите деновиве на технички преглед дека ќе видите дека МВР воведе база на податоци во која секое возило се третира според еколошкиот стандард“, рече Макрадули.

Напомнувајќи дека нејзина оценка е дека состојбата со аерозагадувањето во државава е и натаму алармантна и дека се потребни и ургентни мерки, Лешовска рече дека  граѓанскиот сектор треба да прави притисок врз власта спроведувањето на законот за налепници за возилата кои загадуваат да почне веднаш, а не дури од септември следната година.

meta.mk