Фридом хаус: Македонија со најмала демократија во регионот

Сподели

Македонија е на најниско демократско ниво од 2001. година, кога земјата се соочи со насилен етнички конфликт, се наведува во извештајот на Фридом хаус „Земји во транзиција“. Во извештајот Македонија и натаму се наоѓа во групата земји со транзициски влади или хибридни режими.

Според Фридом хаус, Македонија забележува пад по сите параметри. Кај демократското владеење падот е од 4.75 на 5.00 заради натамошната ескалација на политичката криза предизвикана од аболициите на претседателот, недостатокот на политички дијалог и контроверзното и конфликтно функционирање на државните политички институции.

Во однос на изборниот процес падот е од 3.75 на 4.00 како резултат на повеќекратното одлагање на парламентарните избори и изборните нерегуларности и покрај законските измени и активности, предвидени со политичкиот договор од Пржино.

Судството и неговата независност имаат исто така „подобра“ оценка – од 4,50 на 4,75, поради зголеменото политичко влијание врз судството и опструкциите врз работата на СЈО.

Неказнивоста во случаи на корупција на високо ниво доведе до пад кај борбата против корупцијата од 4.50 на 4.75, па вкупниот резултат за демократијата во Македонија падна од 4.29 колку што беше претходната година, на 4.43. Највисоката оценка за демократските процеси е 1, а најниската е 7.

Причините за влошувањето на демократската состојва на државата, според извештајот, е исходот од аферата „Бомба“ во 2015 и политичкиот договор од Пржино истата година. Во 2016, Македонија „се најде на политички крстопат“.