КАМПАЊА: “ФРЛАЈ ПАМЕТНО ЗА ЧИСТ КАРПОШ”

Сподели

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на ЈП КХС, Абдусамед Шабани, денеска беа во обиколка на Центарот за селекција на отпад, кој се наоѓа во Карпош 3, долж бул. „Илинден“, (позади бензинската пумпа „Макпетрол“).

 

 

На оваа локација, граѓаните можат да го донесат и да се ослободат од кабастиот отпад (застарен мебел, електронски и електричен отпад,) со што, не би се создавале диви депонии и би се придонело кон почиста животна средина.

Исто така, преку телефонската линија 0800 – 222 – 33 карпошани имаат можност да договорат одлагање на отпадот од нивното домаќинство (оваа услуга се наплаќа).

 

 

Во оваа пригода, Богоев зборуваше за информативната кампања која Општина Карпош ќе ја спроведе во сите населби на своја територија. Имено, преку информативни постери и флаери граѓаните ќе ги добијат сите потребни информации за правилно фрлање и одлагање на секој вид отпад. Општината работи на подигнување на јавната свест, но и на санкционирање на сите оние кои свесно ја загадуваат животната средина.

 

 

– Десет службеници кои работат во рамки на урбаните заедници добија овластување за комунални редари, со што се зголемува теренската контрола и санкциите за оние кои свесно ја загадуваат животната средина. Сите носиме одговорност за заштита на околината, а Карпош со сите ресурси делува во оваа насока, рече Богоев.

 

 

Исто така, електронскиот и електричниот отпад може да се одложи и во пунктовите: во Влае 2, до игралиштето кај мостот „Обединети нации“ и Центарот за селекција на отпад на ЈП КХС или да се пријави на 070 – 236 – 000 и истиот да се подигне од страна на Друштвото за управување со отпад „НУЛА ОТПАД“.

На веб страната на Општина Карпош е поставен банер, преку кој граѓаните и по електронски пат можат да ги добијат потребните информации за правилно одлагање на отпадот, да пријават дива депонија или оган на отворено.

 

 

Директорот на ЈП КХС се осврна на редовните активности на јавното претпријатие, а најави и чистење на нови децениски депонии во Карпош.

Локалната самоуправа ги повикува сите граѓани да водат сметка за заштита на животната средина и да ги почитуваат законските одредби за правилно одлагање на отпадот.