Фронт 21/42: Запирање на активности за понатамошна урбанизација врз Охридското Езеро и Галичица

Сподели

 

Минатата недела се одржа 42-та сесија на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција при Советот на Европа, на која се разгледуваше и отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Галичица.

За време на дискусијата за овој случај претставниците на неколку држави (Германија, Австрија, Полска, Словачка, Шведска), дополнително посебно ја изразија загриженоста за состојбата на Охридското Езеро и Галичица и испратија порака дека државата мора да ја сфати сериозноста на случајот.

Во одлуката која Комитетот ја усвои на 02.12.2022, се изразува длабока загриженост за влошената состојба на подрачјата, но и за фактот што Владата до неодамна (октомври 2022), не беше ни свесна дека случајот е отворен речиси цела година. Уште еднаш се потврдува потребата за итна мисија на терен, кон која постои можност да се приклучат и експерти од Конвенцијата на УНЕСКО и Рамсарската Конвенција, а до мисијата на терен (предвидена за пролет 2023 година).

Постојниот Комитет бара:

 времено одложување на усвојувањето на клучните документи;

 запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација и/или други градби (вклучувајќи ги и административните процедури за истите) и легализација на дивоградбите.

На потег е Владата, овој пат да си ја исполни меѓународната обврска (како што и налага и Уставот) и да ја спроведе Одлуката на Бернската Конвенција, односно итно да усвои Одлука за запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација (и други градежни работи) и легализација на дивоградбите – сè додека не се усвојат препораките на мисијата на терен; како и Одлука за привремено запирање на постапките за документите кои имаат влијание врз Охридското Езеро и Галичица, како Законот за Студенчишко Блато, Стратешкиот план за рехабилитација на Светското наследство, итн.

Како организација која го поднесе и води овој случај, сметаме дека е поразително тоа што меѓународната заедница има неспоредливо поголема почит кон и грижа за нашето најголемо природно богатство отколку домашните институции на кои тоа им е должност, се наведува во денешното соопштение на Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“.