Фондот за здравствено осигурување на Македонија одлучи да ги зголеми квотите на лекови за овој месец во износ од 15 милиони денари кои ќе бидат линеарно распределени по аптеките, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.
Тој додаде дека вкупниот буџет за лекови за годинава ќе се зголеми во износ од 100 милиони денари годишно, ќе има ревизија на Правилникот и методологијата на распределба на финансиските средства, квотите и надоместоците на аптеките.
Дончев најави и нова поправична и поефикасна распределба на квотите на аптеките и поефикасен систем за нивни надоместоци.
Во долгорочните мерки рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент.